Постхумно признание: Орденот „Свети Никола“ за академик Јордан Поп Јорданов

Општина Штип со длабока почит и гордост се подготвува да му оддаде постхумна чест на еден од своите најголеми синови, академик Јордан Поп Јорданов, третиот претседател на МАНУ и светски признат физичар! Традиционалниот Орден „Свети Никола“, кој го доделува градоначалникот, оваа година ќе биде врачен на семејството на починатиот академик, како круна на неговото извонредно животно дело.

Свечениот чин ќе се одржи на 18 декември во рамките на Свечената академија во велелепниот Соборен храм „Свети Никола“ во Штип.

Академик Поп Јорданов е вистински пример за македонски и светски научен великан. Своето образование го трасирал од штипската гимназија, преку студии по филозофија во Скопје и електротехника во Белград, па сè до докторатот по техничка физика во српската престолнина.

Неговата кариера е блескава: автор на бројни универзитетски учебници, потписник на околу 300 научни трудови и носител на голем број престижни награди. Неговата експертиза ја ценеле и други академии, чиј член бил. Неговото значење е потврдено и со Орденот за заслуги за Македонија уште во 2007 година. Сега, родниот град му се оддолжува со највисокото признание.

Чествувањето на 19 декември, патрониот празник Свети Никола, започнува уште на 18-ти со програма посветена токму на академикот.

На18 декември, во 16:00 часот, големата сала на Советот на Општина Штип ќе биде домаќин на презентација на ликот и делото на Поп Јорданов, придружена со изложба во холот.

Во 17:00 часот ќе следува Свечена литургија и Академија во храмот „Свети Никола“, каде што ќе бидат врачени Орденот и четирите признанија „Свети Никола“.

Прославата кулминира на 19 декември со традиционалната утринска свечена литургија во Соборниот храм, проследена со свечена литија до шеталиштето „Ванчо Прќе“, каде што ќе се изврши чинот на кршење на славскиот колач.

Штип со достоинство и гордост го слави својот патрон и се поклонува пред делото на еден од своите најистакнати граѓани.