Бугарските власти официјално побарале одземање на пратеничкиот имунитет на европратеникот Илхан Ќучук, член на либералната група „Да ја обновиме Европа“, јави бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на високопозиционирани извори во ЕП.
Барањето доаѓа врз основа на тужба покрената против него од еден од неговите локални асистенти. Иако Ќучук жестоко ги негира наводите, неговата политичка иднина виси на конец.
Овој случај со висок ризик се очекува да се најде на масата на Европарламентот уште оваа недела, на сесијата која почнува доцна попладнево во Стразбур. Прв на потег е Комитетот за правни прашања (ЈУРИ) на Европарламентот.
Иронијата е тоа што претседател на тој комитет е токму Илхан Ќучук.
За да се избегне каков било судир на интереси и да се осигура фер постапка, Ќучук најави дека ќе се изземе од целиот процес. Привременото претседавање со Комитетот ЈУРИ ќе му го препушти на еден од четворицата потпретседатели.
Случајот фрла светлина и врз политичките превирања во Бугарија.
Ќучук беше избран како кандидат на Движењето за права и слободи (ДПС), но подоцна го напушти поради несогласувања со лидерот Дељан Пеевски. Тој се приклучи на отцепената група која сега дејствува под името Алијанса за права и слободи (АПС).
