Профитите на германските автомобилски гиганти паднаа на најниско ниво од 2009 година

Германската автомобилска индустрија бележи најтежок квартал во последните 15 години. Според анализа на консултантската фирма EY, оперативните профити на Volkswagen, BMW и Mercedes-Benz меѓу јули и септември се намалиле за 76%, достигнувајќи околу 1,7 милијарди евра.

Ова претставува најниско ниво на профит од 2009 година, иако вкупниот приход и продажба останале релативно стабилни. Ниту една друга земја со значајна автомобилска индустрија не забележала толку слаби резултати.

Продажбата на германски автомобили падна најмногу во Кина, за 9%, додека уделот на кинескиот пазар во вкупната продажба се намали од 39% на 29%. Продажбата на премиум модели се намалува, а во сегментот на електрични возила купувачите се повеќе се одлучуваат за локални брендови.

Во Германија, компаниите Bosch, Mercedes и Volkswagen веќе најавија намалување на бројот на вработени. EY предупредува дека ваквите мерки се болни, но неизбежни.