Системот „Безбеден град“ ќе санкционира само сериозни прекршоци, најавува Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека системот „Безбеден град“ ќе се спроведува со прецизно дефиниран праг на толеранција, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и јавниот простор, а не казнување по секоја цена.

Тошковски нагласи дека системот ќе биде насочен кон препознавање и санкционирање на сериозни и опасни прекршоци, особено оние кои директно го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. Според него, целта е да се воспостави ред и превенција, а не репресија без разум.

„Ќе има јасни правила, транспарентност и точно утврдени критериуми. Граѓаните ќе знаат што се санкционира и зошто. Системот нема да биде лов на прекршители, туку алатка за заштита на човечки животи“, потенцираше министерот.

Проектот „Безбеден град“ предвидува користење на современи технолошки решенија, камери и софтвер за следење на сообраќајот, со што ќе се подобри контролата и ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи.

Министерството најави дека имплементацијата ќе оди фазно, со претходна информираност на јавноста и соодветен период за прилагодување, со цел граѓаните навремено да се запознаат со новиот систем и неговото функционирање