Во Преспанско Езеро, во близина на селото Наколец, за првпат се реализирани подводни археолошки истражувања кои резултираа со откривање редок и исклучително добро зачуван органски материјал од средновековниот период. Истражувањата ги спроведоа НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамки на проектот ACT4PRESPA.
Во првите две фази од проектот, стручниот тим изврши рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Грција до границата со Албанија, при што беа идентификувани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен за понатамошно истражување се издвоил локалитетот кај селото Наколец, каде што потоа биле спроведени и сондажни археолошки истражувања во два циклуси.
По повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегле на копно, што овозможило детални археолошки истражувања. На локалитетот кај Наколец бил откриен простор заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети.
Особено значајно е пронаоѓањето предмети изработени од органски материјали, како дрвени алатки, рачки, чешли и различни конструктивни елементи. Според истражувачите, ваквите наоди се прв и засега единствен пример на сочувани органски предмети од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот се толкува и како прв познат пример на благороднички имот од XIV век во македонската археологија.
Истражувачите објаснуваат дека невообичаеното зачувување на органските материјали се должи на милта и тињата на езерото, кои создаваат средина без кислород и го спречуваат распаѓањето на предметите, овозможувајќи редок увид во животот на средновековните заедници во регионот.
Првичните анализи укажуваат дека жителите на средновековна Преспа главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што претставува изненадување со оглед на непосредната близина на езерото и фактот дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
