Кривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали

Пет полициски службеници од Полициско одделение Чегране, меѓу кои и командирот Б.И., се соочуваат со кривична пријава за попречување на правдата, соопшти Министерството за внатрешни работи. Постапката е покрената поради сомнение дека тие прикривале фактичка состојба во предмети поврзани со бесправно градење, со што го отежнале докажувањето пред суд и други надлежни институции.

Според информациите од МВР, во текот на 2025 година пријавените во повеќе наврати изготвувале и менувале службена документација, преквалификувајќи ги поплаките за бесправно градење во прекршоци за лажно пријавување, без да извршат утврдување на реалната состојба на терен. На тој начин, подносителите на поплаките биле незаконски изложени на кривично прогонување, додека бесправните објекти останале прикриени.

„Станува збор за сериозно кршење на службената должност и злоупотреба на овластувањата од страна на полициски службеници, што директно го попречува утврдувањето на вистината и ја нарушува довербата во институциите“, наведуваат од МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, по добиена согласност од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ќе поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка. Меѓу предвидените мерки се одземање на службеното оружје и муниција, како и задолжителни психолошки и психијатриски прегледи.

Од Министерството за внатрешни работи потенцираат дека ваквите постапки се дел од напорите за зачувување на интегритетот на институцијата и обезбедување отчетност кај сите полициски службеници.