Почина поранешен ММА борец на 45 години

Поранешниот ММА борец Џеронимо „Мондрагон“ дос Сантос почина на 45-годишна возраст, откако трагично се удавил во реката Рио Негро во Бразил. Веста за неговата смрт беше потврдена по неколкудневна потрага, а телото беше пронајдено на неколку километри од местото каде што последен пат бил виден.

Несреќата се случила во саботата, на 13 декември, кога Дос Сантос престојувал на плажа покрај реката заедно со својот партнер. Тој решил уште еднаш да се нурне пред заминување, но повеќе не излегол на површината. Подоцна неговиот брат открил дека „Мондрагон“ не знаел да плива. Иако веднаш била организирана спасувачка акција со бродови, потрагата завршила трагично.

Телото било пронајдено во понеделникот, 15 декември, од нуркачи на противпожарната служба, потопено под карпи во речното корито. Општината Сао Габриел да Качоеира официјално ја потврди смртта и прогласи тридневна жалост.

Дос Сантос зад себе остави богата, но и турбулентна боречка кариера. Во професионалниот ММА имаше скор од 45 победи, 26 порази и едно реми, настапувајќи во повеќе меѓународни организации. Дел од својата кариера ја мина и во хрватската организација FNC, каде во септември 2022 година се бореше за титулата во тешка категорија.

Во 2012 година потпиша договор со UFC, но неговото деби никогаш не се реализираше откако медицинските тестови покажаа дека има хепатитис Б. Поради здравствените проблеми и недобиената дозвола за настап, две години подоцна побара раскин на договорот.

Неговата последна борба ја имаше во април годинава во Bare Knuckle Fighting Championship, каде со нокаут во првата рунда го совлада поранешниот UFC борец Алексеј Олеиник. Планираниот меч со Андреј Арловски во јуни беше откажан.

Смртта на Џеронимо „Мондрагон“ дос Сантос предизвика бројни реакции во боречката јавност, која го памети како борец со силен дух и необичен животен пат.