Спектакуларните најави за нов „Трамп хотел“ во срцето на Белград денеска доживеаја фијаско. По серијата граѓански протести и сериозниот правен земјотрес што ја потресе српската влада, Џаред Кушнер официјално стави точка на амбициозниот план за изградба на комплексот на местото на Генералштабот.
Одлуката на Кушнер доаѓа само неколку часа откако српското Обвинителство за организиран криминал повлече радикален потег — поднесување обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и тројца други високи функционери.
Портпаролот на инвестициската фирма на Кушнер, „Афинити партнерс“, во изјава за Волстрит журнал го потврди повлекувањето, обидувајќи се да го зачува угледот на компанијата:
„Бидејќи значајните проекти треба да обединуваат, а не да разделуваат, и од почит кон народот на Србија и градот Белград, ја повлекуваме нашата апликација и се повлекуваме во овој момент.“
Во центарот на корупцискиот скандал е обидот на државниот врх незаконски да му го одземе статусот на „културно добро“ на разурнатиот Генералштаб за да се ослободи простор за американските милиони. Обвинителството тврди дека биле сторени две тешки кривични дела: злоупотреба на службената положба и фалсификување службена исправа
Покрај Селаковиќ, обвинети се и клучните луѓе на институциите за заштита на спомениците, Горан Васиќ и Александар Ивановиќ, како и секретарката Славица Јелача.
Овој случај прерасна во директна војна на релација Влада – Обвинителство. Селаковиќ, по неговото сослушување на 4 декември, не штедеше зборови за да ги нападне истражните органи. Во изјава која ја згрози правната јавност, тој обвинителството го нарече „автоимуна болест на општеството“ и „блокирачка криминална банда која узурпирала дел од државниот систем“
И покрај жестокиот притисок и реториката на министерот, правната разврска и притисокот од јавноста на крајот го натераа зетот на Доналд Трамп да сфати дека белградскиот проект стана „премногу жесток компир“ за неговото портфолио.
