Во Собранието: Предлог за разрешување на Коцевски и резолуција на власта против манипулациите со мигрантите

Македонскиот законодавен дом денеска е сцена на клучна политичка пресметка. На 76-тата собраниска седница, пратениците ќе одлучуваат за две прашања кои веќе со денови се актуелни во јавноста: разрешувањето на првиот човек на Обвинителството, Љупчо Коцевски, и жешката тема со мигрантите.

Владата оди со „фронтален напад“ врз Јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Предлогот за негово разрешување не е само процедурален, туку содржи сериозни обвинувања. Извршната власт го товари Коцевски за крупни професионални пропусти во раководењето со институцијата, неовластено изнесување податоци за судски предмети со што е компромитирана тајноста на постапките и обвинувања дека со своето постапување го деградирал достоинството на функцијата и на институцијата, спротивно на Уставот и меѓународните стандарди.

Владејачкото мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ) денеска ја става на гласање Резолуцијата со која планираат „еднаш засекогаш“ да го затворат прашањето за нелегалната миграција.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, најави дека овој документ е директен удар врз, како што велат, манипулациите на опозицијата. Со деветте точки од резолуцијата, власта сака да ги демантира шпекулациите за наводна изградба на мигрантски кампови и да исцрта јасни „црвени линии“ во мигрантската политика на државата.

Дневниот ред е пребукиран со законски решенија кои опфаќаат инфраструктура, енергетика и меѓународна безбедност:

  • Ратификација на договорот со Бугарија за изградба на железничкиот тунел на Коридорот 8.

  • Државни гаранции за заеми од ЕБОР и КфВ за амбициозниот проект за фотонапонска централа во РЕК Битола и ревитализација на хидроелектраните.

  • Одлука за испраќање македонски војници во Либан како дел од операцијата „УНИФИЛ“ на ОН.

  • Нови предлози за законите за Судски совет и јавни патишта.

Седницата се очекува да помине во динамична атмосфера, со оглед на тоа што точките директно задираат во најчувствителните политички и безбедносни прашања на земјата.