Connect with us

Република

Во Собранието: Предлог за разрешување на Коцевски и резолуција на власта против манипулациите со мигрантите

Македонскиот законодавен дом денеска е сцена на клучна политичка пресметка. На 76-тата собраниска седница, пратениците ќе одлучуваат за две прашања кои веќе со денови се актуелни во јавноста: разрешувањето на првиот човек на Обвинителството, Љупчо Коцевски, и жешката тема со мигрантите.

Владата оди со „фронтален напад“ врз Јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Предлогот за негово разрешување не е само процедурален, туку содржи сериозни обвинувања. Извршната власт го товари Коцевски за крупни професионални пропусти во раководењето со институцијата, неовластено изнесување податоци за судски предмети со што е компромитирана тајноста на постапките и обвинувања дека со своето постапување го деградирал достоинството на функцијата и на институцијата, спротивно на Уставот и меѓународните стандарди.

Владејачкото мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ) денеска ја става на гласање Резолуцијата со која планираат „еднаш засекогаш“ да го затворат прашањето за нелегалната миграција.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, најави дека овој документ е директен удар врз, како што велат, манипулациите на опозицијата. Со деветте точки од резолуцијата, власта сака да ги демантира шпекулациите за наводна изградба на мигрантски кампови и да исцрта јасни „црвени линии“ во мигрантската политика на државата.

Дневниот ред е пребукиран со законски решенија кои опфаќаат инфраструктура, енергетика и меѓународна безбедност:

  • Ратификација на договорот со Бугарија за изградба на железничкиот тунел на Коридорот 8.

  • Државни гаранции за заеми од ЕБОР и КфВ за амбициозниот проект за фотонапонска централа во РЕК Битола и ревитализација на хидроелектраните.

  • Одлука за испраќање македонски војници во Либан како дел од операцијата „УНИФИЛ“ на ОН.

  • Нови предлози за законите за Судски совет и јавни патишта.

Седницата се очекува да помине во динамична атмосфера, со оглед на тоа што точките директно задираат во најчувствителните политички и безбедносни прашања на земјата.

Advertisement

Република

Проданоски: Прилеп добива новогодишен базар по европски пример

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денеска ја објави програмата за годинашното издание на „Прилепска празнична приказна“, манифестација која оваа зима ќе донесе празнична атмосфера, светлина, музика и заедништво во градот.

Проданоски изрази посебна благодарност за учеството и коорганизацијата на реномираната општествено одговорна компанија Витаминка, која следната година ќе одбележи 70 години постоење, нагласувајќи дека ваквите партнерства меѓу локалната самоуправа и домашните компании носат конкретни и видливи придобивки за граѓаните.

Во рамки на новиот, а сепак традиционален концепт, за првпат ќе биде организиран и Новогодишен базар со седум големи дрвени, празнично уредени куќарки, во кои ќе се нудат храна, пијалоци и ракотворби, создавајќи атмосфера по примерот на големите европски новогодишни базари.

Културно-уметничката и музичката програма, како и Новогодишниот базар, ќе бидат отворени секој работен ден од 17:00 до 21:00 часот, а за време на викендите посетителите ќе можат да уживаат во целодневна програма.

Градоначалникот упати покана до сите прилепчани и граѓани од целата држава да бидат дел од празничната магија, нагласувајќи дека Прилеп заслужува убава празнична приказна и заеднички моменти исполнети со насмевки и позитивна енергија.

Continue Reading

Република

Коњановски: Инвестициите во социјалната грижа се инвестиции во иднината на Битола

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска оствари работна средба со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, кој престојуваше во официјална посета на општината.

На средбата се разговараше за унапредување на социјалната заштита во рамки на надлежностите на локалната самоуправа, за продлабочување на институционалната соработка, како и за демографските предизвици со кои се соочува Битола и мерките што се преземаат за создавање услови младите да останат и да ја градат својата иднина во градот.

Во рамки на посетата, Коњановски и Лимани ја посетија новоотворената градинка „Пчеличка“, дел од ЈОУДГ „Мајски цвет“, сместена во реконструираниот објект на поранешниот Дом за доенчиња и мали деца. Градинката згрижува деца од предучилишна возраст до 6 години, со капацитет за 76 деца, и располага со современи занимални и дополнителни простории за квалитетен престој. Проектот е реализиран со заеднички средства од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Општина Битола.

Посетата продолжи во Општинската организација на Црвен крст – Битола, каде министерот и градоначалникот остварија средба со раководството, вработените и волонтерите. Беа презентирани тековните активности во областа на социјалната заштита, хуманитарната помош и поддршката на ранливите категории граѓани. Посебен акцент беше ставен на реконструираните простории за услугата лична асистенција, која успешно се спроведува од 2018 година, како и на просторите за сервисот „Итно копче“ и услугата помош и нега во домот, како стратешки цели за 2026 година. Извршен беше и увид во просториите на идниот Дневен центар за активно стареење, кој е во фаза на градежни активности и ќе биде ставен во функција по завршување на постапката за лиценцирање.

Во рамки на денешната агенда беше реализирана и посета на Центарот за социјални работи – Битола.

Continue Reading

Република

Уникатни подводни археолошки наоди откриени во Преспанско Езеро

Во Преспанско Езеро, во близина на селото Наколец, за првпат се реализирани подводни археолошки истражувања кои резултираа со откривање редок и исклучително добро зачуван органски материјал од средновековниот период. Истражувањата ги спроведоа НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамки на проектот ACT4PRESPA.

Во првите две фази од проектот, стручниот тим изврши рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Грција до границата со Албанија, при што беа идентификувани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен за понатамошно истражување се издвоил локалитетот кај селото Наколец, каде што потоа биле спроведени и сондажни археолошки истражувања во два циклуси.

По повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегле на копно, што овозможило детални археолошки истражувања. На локалитетот кај Наколец бил откриен простор заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети.

Особено значајно е пронаоѓањето предмети изработени од органски материјали, како дрвени алатки, рачки, чешли и различни конструктивни елементи. Според истражувачите, ваквите наоди се прв и засега единствен пример на сочувани органски предмети од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот се толкува и како прв познат пример на благороднички имот од XIV век во македонската археологија.

Истражувачите објаснуваат дека невообичаеното зачувување на органските материјали се должи на милта и тињата на езерото, кои создаваат средина без кислород и го спречуваат распаѓањето на предметите, овозможувајќи редок увид во животот на средновековните заедници во регионот.

Првичните анализи укажуваат дека жителите на средновековна Преспа главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што претставува изненадување со оглед на непосредната близина на езерото и фактот дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг