Рим воведува наплата на билети за една од своите најголеми атракции

Градските власти во Рим размислуваат за воведување наплата за посетите на една од најпознатите туристички атракции во градот – Фонтаната Треви, поради сè поголемиот број туристи и проблемите со пренатрупаност во централното градско подрачје.

Фонтаната Треви, сместена во истоимениот кварт, со децении е симбол на Рим и место каде посетителите традиционално фрлаат парички за среќа. Обичајот стана светски познат по филмот „Три парички во фонтаната“, а според проценките, од фонтаната дневно се собираат околу 2.800 евра, односно повеќе од 900.000 евра годишно. Собраните средства се донираат на католичка добротворна организација.

Во првата половина од 2025 година, повеќе од 5,3 милиони туристи ја посетиле Фонтаната Треви, што предизвика бројни поплаки за преголеми гужви, долги редици и појава на џепчии. Како одговор на состојбата, од јануари се планира воведување два одделни влеза – еден за жителите на Рим и еден за туристите.

Италијанските медиуми објавија дека се разгледува можност од 7 јануари туристите да плаќаат билет од две евра за посета на фонтаната, што, според неофицијални проценки, би можело да донесе значителни приходи во градскиот буџет. Сепак, Градскиот совет на Рим соопшти дека засега нема конечна одлука и дека станува збор само за опција која е предмет на анализа.

Фонтаната Треви е доцнобарокно архитектонско дело, изградена во 18 век, со ширина од 20 и висина од 26 метри, и претставува најголемата фонтана во градот. Таа неодамна беше прогласена за една од најдобрите туристички атракции според изборот на патниците за 2025 година.

Поради пренатрупаноста, од минатата година бројот на посетители е ограничен на максимум 400 лица во исто време, а воведен е и систем за организирано чекање во ред. И покрај тоа, гужвите остануваат сериозен проблем, а не е јасно дали евентуалната наплата на билети ќе придонесе за негово решавање, со оглед на континуираниот раст на туризмот во Рим.