По Кичево и Струмица, од денеска итните мерки за справување со аерозагадувањето се активираат и во Скопје, откако мерните станици регистрираа надминување на дозволените концентрации на штетни честички во повеќе скопски општини. Зголемената магла дополнително ја влошува состојбата, а високи нивоа на загаденост се забележани и во други градови низ државата.
Министерството за животна средина и просторно планирање ги активираше протоколите за заштита на јавното здравје, со посебен фокус на заштита на најранливите категории граѓани.
Согласно владините мерки, работодавците имаат обврска да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, како и лицата кои прележале миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.
Лекарите, особено пулмолозите, апелираат граѓаните да го ограничат престојот на отворено на минимум, доколку нема итна потреба. Според нив, најкритични се раните утрински и доцните вечерни часови, кога концентрациите на загадувачки честички се највисоки. Доколку е неопходно движење, се препорачува користење на јавен превоз наместо сопствени возила.
Надлежните институции ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат препораките и официјалните соопштенија сè додека трае епизодата на загаден воздух.
