Шест лица, меѓу кои и двајца малолетници од Северна Македонија, се уапсени по физичка пресметка што се случила во вторникот вечерта во градот Винтертур, Швајцарија.
Инцидентот се случил во населбата Винтертур-Сенхоф и бил пријавен нешто пред 21 часот, откако полицијата добила дојава за лице кое лежи на земја со повреди на главата. По пристигнувањето на терен, полициските патроли затекнале повеќе лица вклучени во пресметката.
Според првичните информации од истрагата, настанот бил претходен од жестока вербална расправија која ескалирала во физичка тепачка, при што бил употребен и бибер-спреј. Во инцидентот биле повредени три лица – државјани на Сирија на возраст од 48, 18 и 17 години, кои со возило на итна медицинска помош биле пренесени во болница.
Повреди заработил и 15-годишен тинејџер од Северна Македонија, кој, според полициските информации, сам се упатил на лекарски преглед.
Полицијата привела и испрашала вкупно шест лица инволвирани во настанот. Меѓу нив се тројцата повредени државјани на Сирија, двајца малолетници од Северна Македонија на возраст од 15 и 17 години, како и 16-годишен швајцарски државјанин.
Сите учесници ќе бидат процесуирани од надлежните институции, при што малолетните лица ќе одговараат пред Обвинителството за малолетници, а полнолетните пред Јавното обвинителство.
