Уапсени сопственици на златарница поради затајување ДДВ и данок на доход

Двајца сопственици и управители на скопската фирма „Арѓира“ ДООЕЛ, Б.А. и Д.Х., се уапсени поради сомнение за даночно затајување, со што, според истрагата на Финансиската полиција, државниот буџет бил оштетен за речиси 65 милиони денари.

Б.А. во периодот од 2020 до 2023 година присвоил златен накит во вредност од 197.742.227 денари, без да пресмета и плати ДДВ и данок на личен доход. На овој начин избегнал плаќање ДДВ од 35.593.601 денар и данок на личен доход од 21.969.161 денар, со што државата била оштетена за 57.562.762 денари.

Д.Х., пак, во текот на 2024 година присвоил дел од увезената стока – златен накит и необработено сребро – како и сметководствено евидентиран кало-растур од 7.822,61 грам, со што не биле платени ДДВ од 4.551.963 денари и данок на личен доход од 2.809.573 денари. Буџетот за 2024 година бил оштетен за 7.361.536 денари.

Со овие дејствија, во периодот од 2020 до 2024 година, пријавените се стекнале со противправна имотна корист и ја оштетиле државната каса за вкупно 64.924.298 денари, соопшти Управата за финансиска полиција.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против Б.А. и Д.Х., а тие се приведени по насоки на обвинителството.