Работник загина при несреќа на градилиште – врз него паднала машина за бетон

Работник од Република Албанија го загуби животот во тешка несреќа на работно место во близина на селото Требеништа, во општина Дебрца, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Според МВР, на 19 декември 2025 година околу 16:10 часот во СВР Охрид било пријавено дека за време на изведување работни активности на трафостаница, врз Х.И. (44) од градот Либражд, Албанија, паднала работна машина – пумпа за бетон.

Мажот се здобил со тешки телесни повреди и со патничко возило бил пренесен во близина на аеродромот во Охрид, каде што бил преземен од екипа на Итната медицинска помош. И покрај укажаната помош, лекарите констатирале смрт.

На местото на несреќата извршен е увид од јавен обвинител, полициски службеници и претставници на Државниот инспекторат за труд. Надлежните институции преземаат мерки за утврдување на причините за несреќата и евентуална одговорност.