Авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје денеска е целосно прекинат, откако поради густата магла и значително намалената видливост беа откажани сите планирани летови, соопштија надлежните служби.
Од раните утрински часови, аеродромот не реализира ниту полетувања, ниту слетувања, а сите редовни летови на повеќе авиокомпании, меѓу кои Wizz Air, Turkish Airlines и Croatia Airlines, се откажани или пренасочени кон алтернативни аеродроми во регионот.
Според информациите од управувачот на аеродромот, ТАВ Македонија, густата магла ја намали видливоста под безбедносниот минимум за нормално одвивање на авионскиот сообраќај, поради што е донесена одлука за целосен прекин на летовите сè додека не се подобрат временските услови.
Дел од авионите што требало да слетаат во Скопје биле пренасочени кон аеродромите во Охрид, Приштина, Софија, Солун и Тирана, додека патниците се известуваат да не доаѓаат на аеродромот без претходна проверка на статусот на нивниот лет.
Од ТАВ апелираат патниците редовно да ги следат официјалните соопштенија и да стапат во контакт со своите авиокомпании за дополнителни информации и евентуални промени во распоредот, бидејќи маглата и понатаму ја отежнува воздушната навигација.
