Родителите на жртвите од дискотеката  „Пулс“ бараат новиот јавен обвинител да ја преиспита истрагата

Кочани – Родителите на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ вчера, на одржаниот „Марш за ангелите“, упатија барање до новоименуваниот јавен обвинител да ја преиспита истрагата и обвинението за случајот, оценувајќи дека досегашната постапка не ги дала очекуваните резултати.


Тие изразија незадоволство од начинот на кој била водена истрагата од страна на обвинителството, посочувајќи дека не се утврдени сите одговорности за трагедијата во која животот го загубија десетици млади луѓе, а голем број беа повредени.


На маршот беше побарано истрагата да се прошири и да се опфатат сите лица кои, директно или индиректно, можат да сносат одговорност за настанот, како и да се даде јасно образложение за одлуките што досега биле донесени во предметот.


Родителите порачаа дека нивната борба е насочена кон вистината и правдата и дека ќе продолжат со јавни собири сè додека не се обезбеди целосно и транспарентно расветлување на случајот.
Маршот помина мирно, со пораки за одговорност и правда, а учесниците уште еднаш нагласија дека нема да се откажат од барањето за темелна и независна истрага за трагедијата што ја потресе целата јавност.