Германија се соочува со растечки економски товар од боледувањата на вработените. Минатата година, производствените загуби и исплатите на плати за време на боледување ја чинеле германската економија повеќе од 200 милијарди евра, објави владата.
Според статистиката, секој вработен во просек отсуствувал од работа по 20,8 дена, што е речиси четири дена повеќе отколку во 2020 година. Вкупно се забележани 881,5 милиони денови боледување, а секој изгубен работен ден компаниите го чинел во просек 152 евра.
Како најчести причини за отсуство од работа биле наведени проблеми со мускулно-скелетниот систем, заболувања на респираторните органи и психички нарушувања. Производствените загуби достигнале 134 милијарди евра, додека трошоците за надоместок на плати изнесувале 72,3 милијарди – за 26 отсто повеќе од пред пет години.
Најмногу погодени се секторите здравство, социјални служби, метална индустрија, јавна администрација и трговија, додека финансискиот сектор и угостителството бележат најниски стапки на боледување.
Штефан Гент, директор на Германската федерација на трговци на мало, предупредува дека високата стапка на боледувања го зголемува товарот врз компаниите и ја намалува нивната конкурентност. Тој го посочува и телефонското добивање на потврди за боледување како еден од проблемите, предлагајќи укинување на овој начин на работа.
