Силни дождови и поплави во Франција – сообраќајот во колапс

Силно невреме го зафати југот на Франција, предизвикувајќи поплави, евакуации и сериозни нарушувања во сообраќајот. Околу 40 лица беа евакуирани во Монпелје, каде што поројните дождови доведоа до затворање на голем број улици, а трамвај заглави во надојдена вода.

Пет департмани, меѓу кои и Еро, се под портокалова временска тревога поради обилни врнежи и ризик од поплави. „Во тек се безбедносни интервенции“, соопшти префектурата на Еро за BFM.

Најпогодени се Монпелје, Сен Жак де Вед и Вилнев ле Маглон. Градските власти во Монпелје информираа дека се затворени парковите, гробиштата, зоолошката градина и божиќниот пазар, додека јавниот превоз и сообраќајот се значително отежнати.

За само еден час наврнале околу 40 милиметри дожд, а во последните шест часа количината достигнала и до 75 милиметри. Метеоролозите предупредуваат дека во долината Монпелје во наредните часови може да наврнат и до 120 милиметри дожд.

Во неделата особено тешко беше погодена општината Ларошет, каде што реката се излеа од коритото и достигна ниво од осум метри. И реката Еро е под портокалово предупредување поради зголемен водостој, со висок ризик од прелевање во секторот Агде.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат максимално претпазливи, да се држат подалеку од водотеци, брегови и мостови, да ги избегнуваат поплавените патишта и да не влегуваат во подруми и подземни паркинзи, како и да го ограничат движењето.