Connect with us

Македонија

Железницата се модернизира со нови локомотиви преку кредит од ЕБОР

Железничкиот транспорт во Северна Македонија добива нов стимул: Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја одобри набавката на нови локомотиви со заем од 20,9 милиони евра. Предлог-законот за задолжување на државата е веќе доставен до Собранието, а целта е јасна – да се обнови товарниот возен парк и да се зголеми капацитетот за транспорт на стоки.

„Главната цел на проектот е да се обезбеди повеќе локомотиви кои ќе можат да пружат услуги за транспорт, со што ќе се зголеми и приходот на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД“, стои во Предлог-законот. Независен консултант ангажиран од ЕБОР препорачал набавка на до пет електрични локомотиви со високо техничко ниво. Покрај возилата, проектот вклучува и обука на персоналот, специјални алатки и резервни делови за воспоставување режим на редовно одржување.

Заемот ќе се отплаќа во 22 полугодишни рати во рок од 15 години, со четиригодишен грејс период, а каматната стапка е варијабилна – шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%. Државата ќе плати и еднократна провизија од 1%, додека за неповлечени средства провизијата изнесува половина процент.

Сепак, и покрај оваа инвестиција, проблемите на железницата се далеку од решени. Бизнис-планот за 2025 година покажува дека состојбата со влечните капацитети е критична – железницата работи на граница на техничко-технолошка експлоатациона моќност. Старите локомотиви и вагони, неадекватната структура на товарниот возен парк и ненавремените инвестиции во поправки ја загрозуваат способноста на компанијата да ја исполни планираната работа и возен ред.

Вкупниот инвентарски парк на товарни вагони изнесува 1.382 вагони, од кои само 510 се со важечка ревизија, додека 870 се пред ревизија. Структурата и видот на вагоните не се оптимални за различните видови стоки, а старосната структура е неповолна – многу вагони се стари меѓу 37 и 42 години.

Голем предизвик остануваат и инфраструктурните инвестиции, кои се неопходни за враќање на значењето на железничкиот транспорт во земјата. Приходите од товарниот сообраќај за 2025 година се предвидени да изнесат 7,8 милиони евра, но тоа е значително помалку од планираните трошоци од 13,6 милиони, што ќе резултира со загуба од околу 5,7 милиони евра.

Јасно е дека набавката на нови локомотиви е само прв чекор во обновата на железничкиот транспорт – потребни се многу дополнителни инвестиции за да се врати конкурентноста и стабилноста на секторот.

Advertisement

Македонија

15 години борба против насилството врз жени: Хуманитарен настан во МКЦ

Денеска во Кино Фросина при МКЦ ќе се одржи посебен хуманитарен настан со кој ќе се одбележи 15-годишниот јубилеј на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Настанот започнува во 18:30 часот, а собраните донации ќе бидат наменети за Интервентниот женски фонд, кој обезбедува директна помош на жени-жртви на насилство кои сакаат да ја напуштат опасната средина.

Националната мрежа, која денес брои 25 организации членки, 15 години активно работи на препознавање и заштита на жените од родово базирано насилство и семејни форми на злоупотреба, се залага против фемицид и силно застапува за правата и интересите на жртвите. Овој јубилеј е не само повод за прослава, туку и потсетник за важноста од поддршка и солидарност кон жените кои секојдневно се соочуваат со насилство.

Со купување на билет за настанот, можете да донирате средства за Интервентниот женски фонд: 15 години  – Од тишина во глас – Друга страна

Continue Reading

Македонија

Во Центар Жупа нема конкуренција: Кампањата за локални избори стартува во 4 општини

Градоначалничките избори во Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа ќе се повторуваат на 11 јануари 2026 година, откако на локалните избори во 2025 година во овие општини не беше остварен потребниот излез за гласање.

Според Роковникот за изборни дејствија, изборната кампања за првиот круг започна на полноќ на 22 декември и ќе трае до 9 јануари, кога официјално ќе започне молкот пред гласањето.

Во Гостивар конкуренција ќе водат Невзат Бејта, кандидат на коалицијата „Вреди“, и независниот Ваљбон Лимани, поддржан од НАИ. Во Врапчиште, за градоначалничкото место ќе се борат Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири, кој се кандидира преку група избирачи.

Центар Жупа ќе има само еден кандидат – Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, додека во Маврово и Ростуше ќе се сретнат Онер Јакупоски од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Анес Ахмети од СДСМ.

Причината за повтореното гласање е недоволната излезност на локалните избори на 19 октомври 2025 година. Според податоците од Државната изборна комисија, само во Гостивар се остварени 33,31% од гласачите, додека во Врапчиште излезноста беше 25,18%, во Маврово и Ростуше 30,31%, а во Центар Жупа едвај 21,49%. Законската граница од една третина од запишаните гласачи, која е потребна за изборите да бидат успешни, не беше достигната.

Со овие бројки, четирите општини повторно се соочуваат со неизвесност, а кампањата која започнува сега ќе биде клучна за мотивирање на гласачите да се појават на биралиштата.

Continue Reading

Македонија

Снежна покривка до 10 см и поројни врнежи дожд во Македонија

Под влијание на влажни воздушни бранови, од утре навечер и во текот на 24 и 25 декември 2025 година, Македонија ќе биде погодена со повремени локални врнежи од дожд, кои на некои места ќе бидат пообилни и над 25 литри на квадратен метар за 24 часа.

На планинските предели врнежите ќе бидат од снег, со формирање на снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Со спуштањето на постуден воздух од север, снег ќе се појави и на повисоките места во низинските региони. Од петок се очекува стабилизирање на времето.

Во Скопје, утре навечер и во следните два дена се предвидуваат повремени врнежи од дожд, кои на моменти ќе бидат пообилни. Граѓаните се советуваат да бидат внимателни на патиштата и да ги следат официјалните предупредувања за времето.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг