Министерството за финансии соопшти дека од Буџетот се извршени две нови исплати кон Развојната банка, во вредност од 305 и 568 милиони денари, односно вкупно 873 милиони денари, што изнесува околу 14,2 милиони евра.
Со овие трансакции, вкупната државна поддршка за домашната економија достигна 217,5 милиони евра, од вкупно планираните 250 милиони евра.
Средствата се обезбедени преку кредитна линија од унгарската Експорт-импорт банка, а целта е да се стимулира растот на домашните компании преку поволни услови за инвестирање и развој. Финансирањето се одобрува преку деловните банки, со каматна стапка од 1,95% годишно, рок на отплата до 15 години и грејс период до 3 години.
Министерството за финансии истакнува дека вкупниот буџет за поддршка на домашните компании изнесува 250 милиони евра, додека проценетата вредност на инвестицискиот циклус изнесува околу 300 милиони евра.
