Од јануари 2026 година, Германија официјално ќе започне со примена на нов модел на задолжителна воена обврска, со кој се предвидуваат и строги санкции за оние што ќе ја игнорираат процедурата. Сите мажи од одредена возрасна група ќе добиваат прашалници од Бундесвер, а одбивањето да се одговори или доставувањето неточни податоци ќе биде санкционирано.
Германското Министерство за одбрана соопшти дека процесот ќе започне со испраќање на околу 54.000 прашалници месечно. Според новите правила, непочитувањето на оваа обврска може да резултира со парична казна до 1.000 евра, па дури и со принудна регрутација.
Планот, кој го иницира министерот за одбрана Борис Писториус, предвидува постепено зајакнување на армиските капацитети. Од јули 2027 година, задолжителен ќе стане и лекарскиот преглед за сите мажи, а непојавувањето на прегледот може да доведе и до полициско приведување.
Целта на новиот модел е до 2035 година бројот на припадници на германската армија да достигне 270.000 војници, како дел од пошироките напори за јакнење на одбранбените капацитети на земјата.
