Американската мултинационална компанија „Амазон“ блокираше повеќе од 1.800 апликации за работа, поради сомнеж дека зад нив стојат севернокорејски државјани.
Според Стивен Шмит, главниот директор за безбедност на „Амазон“, севернокорејски државјани се обидувале да се вработат на ИТ позиции кои се извршуваат од далечина, користејќи украдени или целосно лажни идентитети.
„Целта е обична, но алармантна: да добијат работа, да бидат платени, а потоа да ги пренасочат заработените средства за финансирање на оружените програми на режимот“, рече Шмит, предупредувајќи дека вакви случаи се сè почести во технолошката индустрија, особено во САД.
Овој скандал следува по повеќекратните предупредувања од американските и јужнокорејските власти, дека оперативци од Пјонгјанг се вмешани во организирани онлајн измами и сајбер-активности со цел прибирање финансиски средства за државните програми.
