Советот на Општина Битола започна со нова, модерна практика – воведување пилот-проект за електронско гласање, кој ветува побрзи, поефикасни и по транспарентни седници од кога било досега.
Претседателот на Советот, Бојкоски, истакна дека на денешната Комисија за јавни дејности членовите имаа можност да го тестираат системот во практика. „Во периодот што следи, истиот ќе се имплементира и на останатите комисии“, соопшти Бојкоски.
Интересно, системот за електронско гласање е целосно развиен од ИТ тимот на општината, без ангажирање на надворешни фирми и без дополнителни трошоци за буџетот на Општина Битола.
„Ова е уште еден чекор кон модерна, транспарентна и одговорна локална самоуправа, во интерес на граѓаните на Битола“, додаде Бојкоски.
Според најавите, електронското гласање ќе го забрза процесот на донесување одлуки и ќе ја зголеми отчетноста на членовите на Советот. Сепак, за да се обезбеди веродостојност, ќе се потврдува и физичкото присуство на лицето задолжено за верификација.
