vaga

Светот на диетите се менува: Пристигнува првата таблета за слабеење

Американската агенција за храна и лекови (ФДА) го одобри првиот лек за слабеење во облик на таблета, означувајќи значајна пресвртница во третманот на прекумерната телесна тежина. Информацијата ја објави данската фармацевтска компанија Novo Nordisk, производителот на лекот.

Новата таблета се зема еднаш дневно, а според компанијата, дава ист ефект како досегашната неделна инјекција. За разлика од други лекови за слабеење кои првично биле создадени за пациенти со дијабетес тип 2, овој лек е од почеток развиен исклучиво за губење на тежината.

Клиничките испитувања со приближно 1.300 учесници покажале импресивни резултати: во просек, корисниците изгубиле 16,6% од телесната тежина, додека околу една третина од нив успеале да намалат дури 20% или повеќе. „Пациентите ќе добијат практична таблета што се зема еднаш дневно и може да помогне да се изгуби исто толку тежина како и со оригиналната инјекција“, изјави извршниот директор на компанијата.

Очекувањата се дека таблетата ќе се појави на американскиот пазар почетокот на јануари 2026 година. Одобрувањето веднаш предизвика позитивен шок на берзата – акциите на Novo Nordisk пораснаа речиси 10% по затворањето на тргувањето во Њујорк.

Во Европа, лекот сè уште е достапен само како неделна инјекција и тоа со лекарски рецепт во одредени земји. Таблетата за европскиот пазар сè уште не е одобрена, а регулаторната одлука се очекува најрано во втората половина на 2026 година.