Винс Зампела загина во неделата во тешка сообраќајна несреќа северно од Лос Анџелес, откако неговото Ferrari 296 GTS удрило во бетонска бариера и се запалило. Во несреќата загинал и сопатникот кој се наоѓал во возилото, пренесува NBC.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како црвеното Ферари со голема брзина излегува од тунел, само неколку моменти пред да удри во ѕид. Сведоци подоцна го снимиле целосно уништеното возило зафатено од пламен, а снимката е оценета како вознемирувачка.
Калифорниската автопатска патрола соопшти дека, од засега непознати причини, возилото излетало од патот, удрило во бетонска бариера и веднаш се запалило. Двајцата патници биле прогласени за мртви на местото на несреќата, при што едниот бил исфрлен од автомобилот поради силата на ударот. Истрагата за причините за несреќата сè уште е во тек.
Зампела, на 55-годишна возраст, важеше за една од највлијателните личности во светот на видео игрите. Како ко-основач на Infinity Ward, тој имаше клучна улога во создавањето на франшизата „Call of Duty“, која стана една од најпопуларните во историјата на гејмингот. Подоцна, во 2010 година, го основа студиото Respawn Entertainment, кое ги создаде хитовите „Titanfall“, „Titanfall 2“, „Apex Legends“ и „STAR WARS Jedi: Fallen Order“.
Respawn беше купен од Electronic Arts во 2017 година, а Зампела продолжи да има водечка улога во студиото и во развојот на франшизата „Battlefield“.
Веста за неговата смрт предизвика силни реакции и тага во гејмерската заедница ширум светот. EA соопшти дека станува збор за „незамислива загуба“, истакнувајќи дека влијанието на Зампела врз индустријата било длабоко и далекусежно и дека неговото наследство ќе продолжи да инспирира идни генерации развивачи и играчи.
