Вашингтон гради рударска офанзива за критични минерали, Македонија останува на маргините

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува серија, како што ги нарекува, „историски договори“ со домашниот рударски сектор, со цел значително зголемување на производството на критични минерали неопходни за одбраната, високите технологии и енергетската транзиција. Извори блиски до Белата куќа наведуваат дека фокусот е ставен на зајакнување на домашните капацитети и намалување на зависноста од странски пазари, пред сè од Кина.

Во рамки на оваа стратегија, финансиска поддршка веќе добија компании како MP Materials, Lithium Americas и Trilogy Metals. Преку овие инвестиции, САД настојуваат да воспостават посилна контрола врз синџирите на снабдување со литиум, ретки земни елементи и други стратешки суровини кои се клучни за модерната индустрија.

„Целта е Соединетите Држави да не зависат од противници или од странски субјекти кога станува збор за критичните минерали и синџирите на снабдување“, изјави Џарод Аген, извршен директор на Националниот совет за енергетика при Белата куќа. Според него, во првата година од мандатот на Трамп се создадени услови за уште поголем инвестициски бран во рударството.

Аген најави дека администрацијата планира интензивирање на рударските активности во Аљаска и Аризона, каде што се развиваат некои од најголемите рудници за бакар во светот. Бакарот во меѓувреме е ставен на листата на критични минерали, а одлуката на Трамп да го ограничи неговиот извоз и да ги зголеми државните резерви веќе има сериозно влијание врз глобалниот пазар.

На Лондонската берза на метали, цената на бакарот достигна речиси 12.000 долари за тон, поттикната од загриженоста за слабото снабдување и растечката побарувачка, вклучително и од секторот на вештачката интелигенција. Од почетокот на годината, бакарот поскапе за околу 35 проценти, а аналитичарите прогнозираат недостиг од над 120.000 тони годинава и уште поголем дефицит во 2026 година.

Побарувачката дополнително се зголемува поради глобалните инвестиции во електропреносните мрежи и забрзаната енергетска транзиција, каде бакарот е незаменлив материјал за ветерници, соларни панели и електрични возила.

Наспроти овие глобални трендови, Македонија останува на маргините на рударската мапа. Геолошките истражувања укажуваат на значителни резерви на бакар, што е потврдено и во нацрт-Стратегијата за минерални суровини изработена од МАНУ. Сепак, повеќе најавени инвестиции, како оние во Кожуф и Казандол, останаа нереализирани.

Во моментов, единствена активна инвестиција во рудник за бакар е проектот во Иловица, иако инвеститорот во минатото јавно укажуваше на проблеми со правната сигурност. Во услови кога големите светски економии агресивно инвестираат во стратешки минерали, Македонија сè уште нема јасен и функционален модел како да ги искористи сопствените ресурси.