Во Центар Жупа нема конкуренција: Кампањата за локални избори стартува во 4 општини

Градоначалничките избори во Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа ќе се повторуваат на 11 јануари 2026 година, откако на локалните избори во 2025 година во овие општини не беше остварен потребниот излез за гласање.

Според Роковникот за изборни дејствија, изборната кампања за првиот круг започна на полноќ на 22 декември и ќе трае до 9 јануари, кога официјално ќе започне молкот пред гласањето.

Во Гостивар конкуренција ќе водат Невзат Бејта, кандидат на коалицијата „Вреди“, и независниот Ваљбон Лимани, поддржан од НАИ. Во Врапчиште, за градоначалничкото место ќе се борат Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири, кој се кандидира преку група избирачи.

Центар Жупа ќе има само еден кандидат – Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, додека во Маврово и Ростуше ќе се сретнат Онер Јакупоски од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Анес Ахмети од СДСМ.

Причината за повтореното гласање е недоволната излезност на локалните избори на 19 октомври 2025 година. Според податоците од Државната изборна комисија, само во Гостивар се остварени 33,31% од гласачите, додека во Врапчиште излезноста беше 25,18%, во Маврово и Ростуше 30,31%, а во Центар Жупа едвај 21,49%. Законската граница од една третина од запишаните гласачи, која е потребна за изборите да бидат успешни, не беше достигната.

Со овие бројки, четирите општини повторно се соочуваат со неизвесност, а кампањата која започнува сега ќе биде клучна за мотивирање на гласачите да се појават на биралиштата.