Жителите на Општина Аеродром сега можат директно да ја оценат работата на општината

Во обид да ја направи локалната самоуправа поотворена, поефикасна и поблиска до граѓаните, Општина Аеродром воведува нов, транспарентен и целосно анонимен начин на давање оцени и мислења за квалитетот на работењето на Општината и на секој вработен поединечно.

Целта на оваа иницијатива е директно вклучување на граѓаните во процесот на унапредување на локалната самоуправа, преку препознавање на позитивните практики, како и идентификување на областите каде постои простор за подобрување.

Анкетата е кратка, трае помалку од една минута и не собира лични податоци, а граѓаните можат лесно да учествуваат преку скенирање на QR-кодот поставен на официјалните банери на Општината. Со неколку клика, секој може да го изрази своето мислење и да даде оценка за работата на Општината.

„Секоја оцена и секое мислење од граѓаните ќе ни помогне да ги подобриме услугите и да ја зголемиме ефикасноста на нашето работење“, велат од Општина Аеродром, додавајќи дека активното учество на граѓаните е клучно за создавање на поодговорна и сервисно ориентирана локална самоуправа.

Општината ја изразува својата благодарност до граѓаните за довербата и за ангажманот во процесите кои го обликуваат идниот развој на заедницата.