100 возила за „Македонска пошта“: Подобрување на услугите и заштита на државниот капитал

„Македонска пошта“ ќе добие 100 нови возила како донација од Владата, што ќе ја подобри достапноста и квалитетот на поштенските услуги низ целата земја. Од вкупниот број, 90 ќе бидат помали комбиња, а 10 големи комби возила, наменети за поголема оперативна ефикасност.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на јавниот состанок на Агенцијата за пошти истакна дека целта е заштита и развој на државниот капитал, како и подигање на квалитетот на услугите кон граѓаните. Тој најави законски измени и консултации со сите чинители на поштенскиот пазар за унапредување на условите за работа во „Македонска пошта“.

– Многу е лесно профитабилниот дел од пазарот да се земе, додека „Пошта“ ја носи целата општествена одговорност. Ситуацијата мора да се промени – потенцира Николоски, нагласувајќи дека целта е државната компанија да се издигне, а не да пропаѓа.

Тој посочи дека Агенцијата за пошти има клучна улога во регулацијата на пазарот, заштитата на конкуренцијата и правата на корисниците. Во моментов на пазарот се регистрирани 29 правни лица, што укажува на висока конкуренција.

– Со новите мерки ќе се работи на зголемување на ефикасноста на услугите преку намалување на трошоците до 15 проценти и подобрување на индикаторите за профитабилност за ист процент – додаде Николоски.