Сериозно свлечиште се активираше на регионалниот пат Новаци – Маково, во близина на депонијата Мегленци, при што коловозот е целосно пресечен и патниот правец ставен вон употреба. На видеата што се шират на социјалните мрежи се гледа како земјиштето пропаѓа, а асфалтот е сериозно оштетен и делумно исчезнат под свлечиштето.
Според првичните информации, во моментот на активирање на свлечиштето на патот немало возила, со што е избегната можноста за човечки жртви и повредени.
Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски, предупреди дека станува збор за сериозна закана по безбедноста на овој регионален пат. Тој информираше дека веднаш биле ангажирани екипи на РЕК Битола и на Јавното претпријатие за одржување на патишта, кои работат на итна санација и стабилизација на теренот.
Случајот повторно ја актуелизира загриженоста за состојбата на земјиштето и патната инфраструктура во Пелагонија. Пред околу три недели беше регистрирано активно свлечиште и во атарот на Липково, каде што се појави голема пукнатина во земјата што претставуваше закана за локалното население, по што жителите побараа итна интервенција од надлежните институции.
Надлежните служби најавија дека дополнителни информации за состојбата на патот Новаци – Маково и за понатамошните мерки ќе следуваат по целосната проценка на ризикот и стабилноста на теренот. До тогаш, граѓаните се повикуваат да го избегнуваат овој патен правец и да користат алтернативни рути.
