Со новогодишните и божиќните прослави на прагот, патиштата се полнат со возила, а сообраќајот станува сè поинтензивен. Но, зад блескавите светла и веселите дружби, се крие сериозен ризик – управувањето на возило под дејство на алкохол.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата предупредува: алкохолот ја нарушува концентрацијата, го забавува времето на реакција и го ослабнува умот за правилна проценка на опасностите. Секое возење под дејство на алкохол не е само прекршок – тоа е директна закана за животот на возачите, патниците и сите учесници во сообраќајот. Последиците, велат од Советот, често се трајни и ненадоместливи.
Апелот е јасен: не седнувајте зад воланот ако сте консумирале алкохол. Планирајте безбедна алтернатива – јавен превоз, такси или пријател кој ќе ве однесе дома. Почитувајте ги правилата, ограничувањата на брзината и сообраќајната сигнализација, користете заштитна опрема, и покажете особена внимателност кон ранливите учесници во сообраќајот.
Советот потенцира дека безбедноста на патиштата е заедничка одговорност. Со одговорно однесување, празничните денови можат да бидат исполнети со радост и среќа – а не со трагични последици кои ја менуваат иднината на цело семејство.
