Connect with us

Култура

„Рибарски караници“ со премиера на Ротинското Езеро – Битолскиот театар со храбра комедија под ѕвездено небо

Со премиера на автентична локација под отворено небо, вечерва на Ротинското езеро ќе се одигра претставата „Рибарски караници“ во изведба на Народниот театар Битола, што претставува 13-та премиера за театарската сезона 2024/2025. Овој класичен текст на Карло Голдони се поставува по трет пат во историјата на Битолскиот театар, по првото изведување во 1957 и повторното во 1992 година.

„Наш предизвик е да ги надминеме тогашните бројки и во ова време и состав да ја направиме една од најгледаните претстави во сезоната“, изјави директорот на театарот, Васко Мавровски, додавајќи дека природниот амбиент на националниот парк Пелистер и Ротинското езеро донел нова инспирација за поставување на ова дело.

Претставата е во режија на Јован Ристовски, а во актерската екипа настапуваат Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска и други. Според режисерот, претставата иако жанровски е комедија, содржи и сатирични елементи и општествени коментари, прикажувајќи човечност, емпатија, но и негативни карактерни особини на ликовите.

„Ова не е само комедија за смеа – туку приказна за тоа што значи разбирање меѓу луѓето“, истакна Ристовски. Драматург на проектот е Билјана Крајчевска, а тимот вклучува и Валентин Светозарев (сценографија), Андреј Ѓоргиевски (костими), Александар Димовски (музика), како и техничка и продукциска поддршка од Игор Мицевски, Оливер Петровски, Гордана Михајловска и Димитар Михајловски.

„Ова ми е најголемиот продукциски предизвик досега, но верувам и најдобриот проект што сум го направил“, изјави Михајловски, кој е продуцент на претставата.

Битолскиот театар, со поддршка од Општина Битола, го реконструираше пристапниот пат до Ротинското езеро, кое од вечерва станува и културна локација. Со тоа, НТБ го продолжува трендот на отворени претстави по примерот на Хераклеја, Стоби и Охридско лето.

Следната изведба на „Рибарски караници“ е закажана за 26 јули (сабота) во 20 часот, а на 22 септември претставата ќе се игра и на матичната сцена на Битолскиот театар. Од почетокот на годината до јуни, НТБ бележи 17.000 гледачи – бројка која „Рибарски караници“ има потенцијал значително да ја зголеми.

 

Култура

Норвешки музичар со македонско потекло го претставува дуото Добрила и Дориан на својот нов албум

dobrila dorian

Во последните две години, македонско-норвешката музичка соработка на дуото Добрила и Дориан роди нешто навистина уникатно – двоен албум издаден од Apollon Records, насловен „Двете кралски ќерки“ (To kongsdøtre). Ова ограничено издание, достапно во само 200 примероци, е плод на визија која ги поврзува минатото и сегашноста, Истокот и Западот, и ја слави историјата на две необични жени – митската света Сунива и византиската принцеза Ана Комнина.

Автор на проектот е норвешкиот музичар со македонско потекло, Џулијан Мишиќ. Неговото име е веќе познато на норвешката јавност поради национално признатата автобиографска театарска продукција DOP, но To kongsdøtre претставува нова пресвртница во неговата кариера. Со долгорочната соработка со македонските музичари Дориан Јовановиќ и Добрила Грашеска, Мишиќ се впушта во длабоко истражување на своите корени, создавајќи музичко дело кое е и културен и историски мозаик.

Проектот беше првпат изведен во катедралата во Берген во 2023 година, историски простор посветен на Свети Олав и неговото време. Во рамки на албумот, дел од најстарите нотирани песни од Норвешка и музика посветена на Олав се соединуваат со византиски композиции и македонски традиционални елементи, создавајќи дијалог меѓу различни епохи и култури.

Двете историски ликови што го инспирираа делото, Сунива и Ана Комнина, биле кралски ќерки со блиски судбини – двете го завршиле животот во прогонство и оставиле неизбришлив белег во историјата. Сунива е заштитничка на Западна Норвешка, чие име живее во народната митологија, додека Ана Комнина е византиска принцеза и една од првите жени-историчари, авторка на Алексијадите, 15-томно дело посветено на животот и владеењето на нејзиниот татко, императорот Алексиј Комнин.

Идејата за албумот се родила пред повеќе од десет години во едно скопско кафуле, кога Мишиќ и Дориан Јовановиќ разговарале за Византија, Викинзите и христијанизацијата на Норвешка. Семе за големото дело било засадено тогаш – поетската инспирација за музиката почнува со поемата на Мишиќ за 850-годишнината од преносот на моштите на Света Сунива, која подоцна станува основа на албумот.

Во To kongsdøtre, историјата оживува преку музика која предизвикува границите меѓу традиционалното и современото. Изведбите на актерката Рагнилд Гудбрандсен ги пренесуваат двата лика низ музички пејзажи што спојуваат норвешки и византиски мотиви со македонска фолклорна експресија. Албумот е повеќе од музика – тоа е мост, поетска слика за две кралски ќерки кои со своите судбини инспирираат креативност и поврзаност низ вековите.

Како што вели Кјетил Алменинг, директор на Bergen kirkeautunnale, „Двете кралски ќерки“ нудат безвремен потсетник на историските врски, музичкото единство и заедничкото културно наследство преку граници.“

Continue Reading

Култура

Зарина Првасевда го спојува традиционалното со модерното во „Кадифено“

Во преполната сала на Филхармонија, на 20 декември, македонската вокална уметничка и интерпретаторка на традиционална музика, Зарина Првасевда, ја претстави своето новогодишно музичко дело под насловот „Кадифено“. Концертот беше вистински празник на културите, со репертоар што го обединуваше македонското народно музичко наследство со песни од албанската, турската и влашката традиција, создавајќи вистински дијалог меѓу различните музички светови на нашите простори.

Гости на настанот беа виртуозниот перкусионист Ахмет Алан и Греми наградениот фретлес гитарист Џенк Ердоган, кој по бурниот аплауз од публиката се врати на бис, оставувајќи траен впечаток со својата енергична интерпретација.

„Бев навистина среќен за време на концертот, особено поради уникатната комуникација меѓу културите и традициите. Музиката и приказните зад секоја песна, кои Зарина ги сподели со публиката, ме инспирираа да ја обликувам интерпретацијата со акордите, во зависност од тоа дали песната е љубовна или трагична. Атмосферата беше толку топла, како да седиме дома со пријатели и свириме од срце. Навистина се радувам на можноста повторно да настапам овде“ – изјави Џенк Ердоган.

За Зарина Првасевда, концертот претставуваше вистинска културна средба: „Настапот со светски уметници како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони е огромна чест и радост. ‘Кадифено’ отвори нов агол за интерпретација на традиционалната музика, а реакциите на публиката – топли, искрени и полни со емоции – потврдуваат дека нашата идеја беше прифатена со огромна поддршка.“

Покрај гостите од странство, на сцената настапија и македонскиот виртуоз на виолина Тони Арслан и млада надежна контрабасистка Андреа Мирческа, создавајќи хармонија која ја спои традицијата со современата музичка експресија.

„Кадифено“ не е само концерт, туку уникатен проект кој поврзува традиционалната музика, современиот звук и интернационалната музичка извонредност. Овој настан истовремено означува и премиера на новиот музички опус на Зарина, каде интимниот и емотивен израз се испреплетува со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.

Зарина најавува дека ова е само почеток од нејзиниот нов концертен циклус, кој ќе продолжи следната година со снимање и издавање на нов албум, како и со нови, возбудливи концертни проекти.

Continue Reading

Култура

Голема загуба за Драмски театар Скопје – почина актерот Лазе Манасков

Со длабоко жалење, Драмски театар Скопје соопшти дека денеска почина нивниот актер и долгогодишен колега, Лазе Манасков.

Во чест на Манасков, вечерва ќе се одржи изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј“, посветена на неговото творештво и придонес кон театарската сцена.

„Нека му е вечна слава“, стои во соопштението на театарот, изразувајќи почит и благодарност за неговиот ангажман и наследство во македонскиот театар.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг