Германија има амбиција да изгради најсилна конвенционална војска во Европа, но и покрај огромните финансиски вложувања, се соочува со клучен проблем – недостиг од воен кадар и соодветна инфраструктура. Она што пред три децении предизвикуваше страв кај европските соседи, денес сè повеќе се гледа како неопходен столб за безбедноста на континентот, особено во услови на намалена американска ангажираност во Европа.
Пресврт во германската безбедносна политика настана по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Тогаш беше воведен поимот „Zeitenwende“, кој означуваше радикална промена на досегашниот пристап. Со него беше најавен раскин со политиката на зависност од Москва и формирање посебен фонд од 100 милијарди евра за модернизација на Бундесверот.
Германската армија со години беше запоставена. Бројот на војници од околу 500.000 во 1980-тите падна на помалку од 180.000, а резервите на муниција и опрема беа сведени на минимум. Симбол на таквата состојба стана инцидентот на НАТО-вежба во Норвешка, кога германските војници поради недостиг од оружје користеа импровизирани реквизити наместо митралези.
Во меѓувреме, Берлин започна масивна финансиска офанзива. Во 2025 година беше одобрен одбранбен буџет од над 86 милијарди евра, а целта е трошоците за одбрана да достигнат над 3 проценти од БДП до 2029 година. Клучен чекор беше уставната реформа со која трошоците за одбрана над 1 процент од БДП се изземаат од строгите фискални ограничувања, што ѝ овозможува на Германија значително поголемо задолжување за воена намена.
Плановите вклучуваат стотици нови проекти за набавка на тенкови, борбени возила, противвоздушни системи, воени авиони и ракети со долг дострел. Сепак, и покрај амбициозната модернизација, човечкиот фактор останува најслабата алка.
Германија моментално има околу 185.000 активни војници, далеку под целта од 260.000 договорена во рамки на НАТО. Иако неодамна беше одобрено повторно воведување на делумна воена обврска, таа се темели главно на доброволност. Протестите низ земјата покажуваат дека голем дел од младите не се подготвени за воена служба.
Експертите предупредуваат дека и со најоптимистичките сценарија, Германија ќе има доволно персонал дури во 2030-тите. Дополнителен проблем е застарената инфраструктура – касарните и основните капацитети се во лоша состојба, а недостигот од офицери и подофицери останува сериозен предизвик.
Иако Германија располага со финансиска и индустриска моќ да стане водечка воена сила во Европа, јасно е дека без решавање на проблемот со човечките ресурси и инфраструктурата, амбициите ќе се реализираат побавно отколку што планира Берлин.