Connect with us

Економија

Европската рударска треска за критични минерали – можност за Македонија да влезе во новата индустриска карта на Европа

Вториот повик на Европската унија за Стратешки проекти според Законот за критични суровини (CRMA) го става рударскиот сектор во центарот на европската геополитичка и економска стратегија. Брисел вети револуционерно скратување на административните процедури и забрзан пристап до финансии за проекти од „преовладувачки јавен интерес“ со цел да се забрза пристапот до критичните минерални суровини кои се неопходни за зелената и дигиталната транзиција. Новиот повик се смета за еден од најзначајните чекори во создавањето на европска самостојност во снабдувањето со метали како литиум, бакар, никел и ретки земјени елементи.

До 15 јануари 2026 година, сите заинтересирани компании и институции може да аплицираат со проекти кои го зголемуваат капацитетот на Европа за екстракција, преработка или рециклирање на критични суровини. Новите правила нудат значителни предности – скратени рокови за издавање дозволи, олеснет пристап до финансии и поддршка од европските институции во секоја фаза на реализацијата.

Европскиот пат кон ресурсна независност

За Европската комисија вториот повик е продолжение на европската визија за обезбедување сопствени ресурси за иднината. После првиот бран на стратешки проекти кои го зголемуваат домашното производство, преработка и рециклирање во рамките на Унијата, со нови проекти ќе се опфатат сите 17 стратешки суровини и ќе се намали зависноста од трети земји.

Во рамките на Законот за критични суровини (Critical Raw Materials Act – CRMA), Европската Унија ги постави конкретните цели: до 2030 година 10% од потребите да се обезбедуваат со домашна екстракција, 40% со преработка и 25% преку рециклирање.

Овие цели ја потврдуваат амбицијата на Европа да стане глобално конкурентна и самостојна во снабдувањето со минерали што се клучни за батерии, електрични возила, соларни панели и дигитална технологија.

Финансиска поддршка и нови фондови

Во рамките на CRMA, Европската комисија воспоставува и механизми за финансиска поддршка преку грантови, гаранции и поволни заеми. Секој признат проект добива пристап до финансиски пакет во партнерство со Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој.

Само во првиот круг беа мобилизирани инвестиции во вредност од над 22 милијарди евра, а новиот повик предвидува уште поголем обем на поддршка. ЕБОР и ЕУ најавија и дополнителен фонд од 100 милиони евра за критични суровини наменет за земји-партнери. Каде е тука позицијата на Македонија?

Македонија се подготвува за новиот европски циклус

Во Македонија, процесот на усогласување со европското законодавство за рударство и минерални суровини е веќе започнат. Новите закони за геологија и рударство ќе овозможат модерна, транспарентна и ефикасна рамка за инвеститорите и институциите. Фокусот во новите закони е одржлив развој на индустриската гранка, односно, овозможување на фер услови за работа, со максимална заштита на ресурсите и животната средина.

Модернизацијата на рударството го подржува и Македонската асоцијација за рударство (МАР), затоа што одржување на современиот начин на живот значи и побарувачка за сè повеќе минерали и ресурси.

Потенцијал за бакар и стратешки ресурси

Македонија лежи на геолошки разновиден терен, што ѝ овозможува значајно рудно богатство со долга традиција на експлоатација. Иако не располага со големи резерви на минералите кои ЕУ ги смета за критични суровини, како литиум, кобалт или ретки земјени елементи, таа има геолошка основа за бакар, злато и оловно-цинкови руди. Покрај историски важните рудници за олово и цинк, кои со децении беа столб на индустријата, особено во источните делови на земјата, денешниот фокус е насочен кон критичните суровини неопходни за зелената транзиција.

Бакарот претставува најголем адут на земјата, со потврдени резерви од светски ранг во југоисточниот регион, кои се од суштинско значење за електрификација, обновливи извори на енергија и електрични возила.

Дополнително, земјата располага со наоѓалишта на никел и кобалт, клучни компоненти во производството на батерии за електрични автомобили, што ја става на мапата на европскиот синџир за снабдување. Геолошките истражувања укажуваат и на потенцијал за литиум и други ретки земјени елементи, чија важност во модерната технологија постојано расте.

Антимонот, кој е на пошироката листа на ЕУ со 34 критични суровини, во Македонија е присутен во областа Алшар и поранешниот рудник Лојане. Алшар е ретко и уникатно наоѓалиште каде е потврдено умерено збогатување со ретки земјени елементи, но тоа го отвора прашањето за потребата од дополнителни истражувања. Во областа има присуство на антимон, арсен, талииум и злато. Додека Лојане, во близина на границата со Србија во минатото се ваделе антимон, арсеник и хром. Иако рударската активност е запрена пред повеќе децении, во депониите и старите рудни слоеви и денес постои значителна количина на минерали што може повторно да се обработат со современи и еколошки технологии.

Оваа комбинација на традиционални и модерни метали креира потенцијал за македонското рудно портфолио да си најде место во новите европски индустриски политики.

Рециклирањето – идниот правец на одржливо рударство

Една од најиновативните насоки во новата европска политика е циркуларната економија – идејата дека минералите не мора секогаш да доаѓаат од нови рудници, туку и од рециклирање на постојните материјали.

Тоа отвора можност за создавање мали, специјализирани погони за рециклирање на електронски отпад, батерии и индустриски компоненти, кои ќе обезбедат критични суровини на локално ниво.

Во тој контекст, Македонија може да ја искористи својата географска позиција и техничка експертиза за да стане регионален центар за собирање и обработка на секундарни минерали – еден вид нова, „чиста“ гранка на рударството која ќе ја комбинира технологијата со одговорноста кон животната средина.

Обезбедувањето на европска поддршка за вакви проекти ќе значи и домашна економска вредност и отворање на работни места за младите. Искуството од земјите-членки покажува дека секој нов рударски проект од стратешки интерес создава локална додадена вредност – нови патишта, обуки, инфраструктура и извозни можности.

Македонија пред нова развојна етапа

Вториот европски повик за стратешки рударски проекти е повеќе од технички конкурс, тој е отворена можност за учество во иднината на европската индустрија. За Македонија, тоа е можност да покаже дека може да комбинира природен потенцијал, модерна визија и европски стандарди.

Со новите закони, активна улога на државата и партнерства со европските институции, земјата може да стане дел од мапата на европскиот рударски суверенитет.
А тоа не е само економска, туку и стратешка придобивка – бидејќи во свет каде енергијата и суровините се новата валута, одржливото рударство е билетот за иднината.

Економија

Божиновска: Кризната состојба е превентивна – ЕСМ ги има спроведено набавките по планот

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска изјави дека воведената кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија е резултат на ненадејните околности и има превентивен карактер, нагласувајќи дека АД ЕСМ ги спровело сите набавки согласно планот. Таа посочи дека штрајкот на земјоделците во Грција, кој трае со денови, не можел однапред да се предвиди.

Одговарајќи на пратеничко прашање, Божиновска истакна дека иако АД ЕСМ е под надлежност на Владата и Министерството, институцијата нема директни ингеренции врз штрајкот и снабдувањето со енергенси од странство, но како одговорна Влада е донесена одлука за воведување кризна состојба во траење од седум дена.

Пратеничката од ДУИ, Рина Ајдари, оцени дека не се работи за енергетска, туку за „криза на неодговорности“, прашувајќи зошто навреме не биле преземени мерки за заштита на граѓаните од ценовен шок поради поскапувањето на струјата.

Божиновска одговори дека Владата без надомест ќе ги стави на располагање државните резерви на мазут и ќе му овозможи на АД ЕСМ да ги користи, со цел непречено производство на електрична енергија додека трае штрајкот во Грција, а по неговото завршување резервите повторно да се надополнат.

Во однос на цената на електричната енергија, министерката нагласи дека таа е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика. И покрај тоа што според Реформската агенда државата треба да субвенционира 75 проценти од износот, таа рече дека Владата обезбедува 100 проценти поддршка за граѓаните.

„Цените на пазарот се над 100 евра, а ние обезбедуваме струја по цена од 65 евра за да нема ценовни шокови. Околу 70 проценти од граѓаните се во првиот блок. Иако инфлацијата е околу 4 проценти, поскапувањето на струјата изнесува само 2,25 проценти“, изјави Божиновска.

Таа информираше и дека со новиот Закон за енергетика, кој е целосно усогласен со европското законодавство, првпат се воведува концептот на енергетска сиромаштија. Предвидени се финансиска помош и дополнителни мерки за заштита на ранливите категории, вклучително и забрана за исклучување од електрична енергија во текот на зимските месеци.

Continue Reading

Економија

Златото ја проби границата од 4.500 долари – вредноста на племенитите метали рекордно расте

zlato

Меѓународниот пазар на благородни метали е во експлозивен подем. Спот-цената на златото за прв пат ја надмина психологиската граница од 4.500 долари за унца, достигнувајќи 4.511,93 долари во среда, по што фјучерсите на COMEX се искачија на 4.515,50 долари. Овој раст следи по рекордот од 4.519,30 долари на фјучерсите во вторник, што ја потврдува силната побарувачка за „безбедни засолништа“ меѓу инвеститорите.

Среброто, исто така, експлодира на пазарот, достигнувајќи историски максимум од 71,87 долари за унца. Аналитичарите предупредуваат дека растот е речиси параболичен, со зголемување од околу 150% оваа година, додека златото е во подем од над 70%, најдобар резултат од 1979 година. Главниот двигател зад овие движења е загриженоста кај инвеститорите за девалвација на валутите и раст на глобалниот долг.

Експертите нагласуваат дека пазарот ја очекува Федералната Резервна банка на САД да спроведе уште најмалку две намалувања на каматните стапки во 2026 година, што би ја намалило стапката на федералните фондови на околу 3%. Со тоа, индексот на американскиот долар веќе покажува тренд на опаѓање од октомври 2025 година, што дополнително го поттикнува инвестирањето во тврди средства.

Но, златото и среброто не се единствените метални ѕвезди. Бакарот и платината, исто така, бележат рекордни достигнувања. Фјучерсите за бакар на Лондонската берза за метали (LME) ја пробија границата од 12.000 долари по тон во вторник, достигнувајќи интрадневен максимум од 12.160 долари и завршувајќи го денот на 12.060,5 долари, што е пораст од речиси 38% од почетокот на годината — најголем од 2009 година.

Платината, клучен елемент во автомобилските катализатори, ја надмина психологиската граница од 2.300 долари за унца. Аналитичарите го поврзуваат скокот со неодамнешното олеснување на ЕУ за мотори со внатрешно согорување од 2035 година, што ја зголемува побарувачката за метали од платинската група.

Годината 2025 се покажува како историска за меѓународните цени на благородните и индустриските метали, а инвеститорите и аналитичарите веруваат дека трендот на раст може да продолжи и во 2026 година, како резултат на глобалната финансиска неизвесност и растечката загриженост за кредитниот систем заснован на американскиот долар.

Continue Reading

Економија

Броилата ќе се читаат и за празници: Вонредни екипи на Електродистрибуција по налог на РКЕ

По налог на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје воведе сет активни мерки за подобрување на услугата и намалување на поплаките од потрошувачите. Процентот на отчитување на броилата е зголемен на 95 проценти на тримесечно ниво и 90 проценти на месечно ниво.

Како дел од мерките, таргетирани се околу 10.000 потрошувачи кои во изминатите две години поднеле приговори за фактури, со кои е воспоставена етапна телефонска комуникација. Во пресрет на зимскиот период, на иницијатива на РКЕ беше одржан координативен состанок со раководството на Електродистрибуција, на кој беа презентирани чекорите за подобрување на двонасочната комуникација и зајакнување на довербата и транспарентноста.

Регулаторите нагласија дека особено е важно редовното отчитување во првите недели од јануари. Од Електродистрибуција информираа дека поради искуствата од претходната година, се формирани вонредни екипи кои ќе вршат отчитување и за време на викендите и празниците, со цел граѓаните да добиваат сметки со реална, а не проценета потрошувачка.

Од 1 декември годинава проширени се и дигиталните услуги за корисниците, вклучително и новата можност за онлајн корекција на фактура, како и поддршка за креирање кориснички профили. И понатаму се достапни услугите „Пријави состојба“, „Е-фактура“ и јасната ознака на фактурите дали состојбата е отчитана или проценета.

РКЕ и Електродистрибуција упатија апел до потрошувачите за одговорно користење на електричната енергија во текот на зимскиот период.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг