Connect with us

Економија

САД ги рестартираат рудниците за бакар, цената руши рекорди, македонскиот потенцијал засега неискористен

Цената на бакарот се очекува да продолжи да расте. Откако минатата недела беше достигнат рекорд од 11,100 долари за тон на лондонската берза, првиот човек на Федералните резерви на САД, Џером Пауел истакна дека ќе преземе мерки, зашто цената од 12 илјади долари за тон би била на дофат до крајот на годинава.

Пазарот на минералните суровини ширум светот доживува пресврти по секоја нова најава за можна ескалација и потенцијално сериозна трговска војна меѓу САД и Кина. Ова следува откако американскиот претседател Доналд Трамп најави нови даноци, особено за критичните метали. Според експертите, освен тензиите на релација Вашингтон – Пекинг, постојат уште неколку клучни причини за зголемувањето на цената на бакарот.

Прогнозите покажуваат дека побарувачката за бакарот ќе порасне за 24% до 2035 година. Една од причините е сѐ помалиот ископ на бакар од рудниците на глобално ниво. Понатаму се наведува зголемената употреба на бакарот во Азија, особено Индија, за изградбата на центри за податоци поврзани со информатичката технологија. Дополнително, огромно количество на бакар откупува и Кина која ја модернизира својата електропреносна мрежа.

„За растот на цената да добие понатамошен импулс, ќе треба да видиме и нов силен раст на побарувачката, особено од Кина. Ако Кина ја засили инвестицијата насочена индиректно кон металите, тоа дополнително ќе ја зголеми побарувачката и цените“, вели за Ројтерс аналитичарката на банката ING, Ева Мантеј, додавајќи дека тие обрнуваат засилено внимание на случувањата со бакарот.

Уште една причина за растот на цената на овој метал е зголемената побарувачка од страна на Европската Унија. Брисел цели да ја оствари зелената транзиција, за што е неопходен бакарот, но исто така има зголемена побарувачка и поради војната во Украина. Поради чекорите на Русија, ЕУ одлучи да ја поддржи домашната воена индустрија и според предвидувањата, тоа е дополнителна побарувачка од 30 до 40 илјади тони бакар годишно во наредната деценија.

Можеби ќе ве интересира

Ваквиот развој на настаните веќе предизвика САД и ЕУ да го поддржат ископот и да ги олеснат процедурите во рударството за критичните метали како што е бакарот. Дозволите за експлоатација веќе започнаа да се издавааат во рамки на неколку месеци, а Фајненшл тајмс пишува дека дури четири големи рудници за бакар во Аризона и Мајами се на пат да се рестартираат.

Мајк Хенри, кој ја предводи најголемата рударска група во светот BHP, истакна дека иницијативите на претседателот Доналд Трамп, за да го осигури бакарот независно од Кина, ја навеле компанијата да го зголеми истражувањето во САД и поттикнале преглед на нејзините затворени наоѓалишта во Аризона, срцето на американската индустрија за бакар.

– Позитивниот став кон рударството и итноста за започнување со работа во рударството е многу добредојдена промена. Секторот никогаш не бил толку во центарот на вниманието – изјавил директорот на рударскиот гигант Мајк Хенри за ФТ.

Неизвесно е дали и Македонија, по примерот на САД и ЕУ, ќе се вклучи во светската потрага по бакар и ќе ја постави рударската индустрија во центарот на вниманието. Веројатно одговорите ќе бидат познати кога би се усвоил новиот Закон за рударство. Во една од последните изјави, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновски нагласи дека одговорното рударство може да биде двигател на македонската економија.

– Нашата цел е да обезбедиме јасни правила на игра за компаниите и највисоко ниво на заштита на граѓаните и животната средина. Рударството треба да се развива на одржлив начин, кој ќе обезбеди и економски раст и сигурност за работниците – вели министерката Божиновска коментирајќи го новото законско решение.

Од она што е познато е дека источниот дел на Македонија лежи на бакар. Овој податок се истакнува и во нацртот на Стратегијата за минерални суровини на МАНУ, во која експертите се повикуваат на геолошки истражувања. Во моментов ископ на бакар во земјава се врши само во рудниците Бучим и Боров дол, а единствена најавена инвестиција за рудник е во Иловица кој има потенцијал од 700.000 тони бакар.

Економија

СЕ ЗНАЕ КОЛКАВ ЌЕ БИДЕ ДАНОКОТ ЗА ПРВ СТАН. Што ги очекува граѓаните и градежниците?

Сите кои се заинтересирани за купување станови, но и градежниците може да здивнат. Повластената стапка од само пет проценти за првиот промет на згради или станови останува во примена до крајот на 2028 година. Поради ова, данокот нема да биде причина за дополнително поскапување на и онака скапите недвижности.

Согласно најавите на министерката за финансии, во Собранието веќе е доставен предлог закон за измени, со што се пролонгира рокот за повластената стапка за уште три години, односно од 1 јануари 2026 година до 31 декември 2028 година.

Се прават измени на Законот за данокот на додадена вредност со кој се уредени предметот на оданочување, даночната основа, даночните ослободувања, даночните стапки, времето на настанување на даночниот долг, даночниот должник, одбивката на претходниот данок, регистрацијата за целите на данокот на додадена вредност, административните обврски, плаќањето на данокот, како и казнените одредби.

–  Предложените измени се со цел да се изврши допрецизирање во делот на одредбите кои се однесуваат на место на промет на услуги и допрецизирање во делот на одредбите кои се однесуваат на тур-оператори. 

Исто така се пролонгира рокот на примена на повластената стапка од 5 отсто на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата.

На тој начин се врши пролонгирање на рокот на примена на повластената стапка за уште три години – се посочува во законското решени доставено во Собранието.

Предлагачи се група пратеници, меѓу кои Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Дафина Стојаноска и Драгана Бојковскакои бараат измените да се донесат по скратена постапка и додаваат дека ова не предизвикуваат негативни фискални импликации врз Буџетот.

Со истиот закон се предлагаат и измени во делот на туроператорите.

–  Туристичките услуги дадени од страна на тур-операторот се сметаат за една единствена услуга. За место на промет на оваа услуга се смета местото каде што вршителот на промет на услугата има вистинско седиште. 

Доколку прометот на услугата се врши од подружницата на вршителот на прометот на услугата, што се наоѓа надвор од неговото вистинско седиште, тогаш седиштето на подружницата се смета за место на прометот на услугата – се прецизира во законот.

Continue Reading

Економија

НЕВОБИЧАЕН ФЕНОМЕН ВО ЈАДРАНОТ: Масовна појава на виолетови морски ежови кај Трст ги изненади научниците

Истражувачите во Јадранското Море регистрираа необична појава што досега не била забележана во овој обем. Во близина на Трст е откриена голема концентрација на виолетови морски ежови, и тоа на подрачје кое не се смета за нивно типично живеалиште.

Според научниците, ваквата слика е изненадувачка бидејќи на карпестото морско дно вообичаено доминира друг вид морски еж, додека виолетовите единки таму речиси и не се среќаваат. Овојпат, нивниот број бил значително поголем, а присуството на вообичаениот вид било минимално.

Стручњаците посочуваат дека објаснувањето може да се бара во животниот циклус на овие морски организми. Истражувањата укажуваат дека во одредени фази од животот тие мигрираат, најчесто поттикнати од промени во исхраната. Додека младите единки се хранат претежно со варовнички алги на песочно дно, повозрасните се префрлаат кон карпести подрачја богати со макроалги и растителни остатоци.

Дополнително, научниците не ја исклучуваат можноста дека зголемената достапност на кафени алги во овој дел од Јадранот создала идеални услови за собирање на голем број возрасни единки на едно место.

Иако сцената е необична, истражувачите нагласуваат дека природата ретко прави нешто без причина, а во овој случај, најверојатниот одговор се крие во храната и промените во морскиот екосистем.

Continue Reading

Економија

МБИ10 со пад од 0,32%, без активности на обврзничкиот пазар

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.

На трговската сесија од 18 декември 2025 година, индексот МБИ10 забележа пад од 0,32%, спуштајќи се на 10.091,56 поени, додека индексот ОМБ остана непроменет на 129,44 поени. Вкупниот дневен промет изнесуваше 13,06 милиони денари, при што најголем дел од тргувањето беше концентриран кај Комерцијална банка, Алкалоид и Македонски Телеком, кои ја предводеа пазарната активност .

Најтргувани хартии од вредност

● Комерцијална банка АД Скопје (KMB) – 3.913.370 денари

● Алкалоид АД Скопје (ALK) – 3.091.460 денари

● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) – 1.812.170 денари

Топ добитници

● АЛТА Банка АД Битола (ALTA) +2,83%

● ОКТА АД Скопје (OKTA) +2,04%

● Адинг АД Скопје (ADIN) +0,04%

Топ губитници

● РЖ Услуги АД Скопје (RZU) –8,16%

● Гранит АД Скопје (GRN) –1,59%

● НЛБ Банка АД Скопје (NLB) –0,85%

Обврзнички пазар

Во текот на денешната сесија не беа реализирани трансакции со државни или корпоративни обврзници. Сите државни обврзници останаа со непроменети цени, а индексот ОМБ се задржа на 129,44 поени.

Тргувањето на Македонската берза на 18 декември 2025 година се одвиваше во умерена атмосфера, со вкупен промет од 13,06 милиони денари и пад на индексот МБИ10 за 0,32%. Комерцијална банка, Алкалоид и Македонски Телеком беа најликвидните хартии на денот. Најголем добитник беше АЛТА Банка, додека РЖ Услуги и Гранит го предводеа негативното движење. Обврзничкиот пазар остана без активности, со стабилни котации и непроменет индекс ОМБ.

 

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг