На падините на планината Скопска Црна Гора на 20 километри од центарот на градот се наоѓа викенд населбата Побожје. Луксузна хациенда тука ќе гради семејството на Драги Рашковски, поранешен генерален секретар во Владата, сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при релизација на програмите за работа на Владата. Инвеститори на супер-комотната куќа се неговите две малолетни деца. Вака изгледа просторот на „Гугл Мапс“. Но, во Побожје сосема друга состојба. Плацот е веќе израмнет како тепсија и тоа на површина од неколку илјади квадрати. На терен има и два багера, пренесува Алсат.
На плацот, според имотниот лист, постоеше викенд куќа од околу 60 – на метри квадратни. Сега просторот е порамнет. Според информации на Алсат и проектот кој треба да се изгради тука, станува збор за куќа од над осумстотини метри квадратни нето површина.
Големиот градежен зафат во кој имавме увид предвидува објект за домување, базен, теретана, соба за билјард и разни други погодности.
Просторот е расчистен. Исечени се дрвјата околу плацот. На имотот како сопственици се јавуваат децата на Рашковски. Но и самиот тој во Побожје поседува 11 илјади метри кавдаратни земјоделско земјиште. Го впишал во анкетниот лист по изборите лани. Но, овој имот го нема во неговиот претходен анкетен лист кога дојде на функцијата Генерален секретар на Влада. Го купил потоа за речиси 100 илјади евра. Колку заработува, а колку троши, истражува и Антикорупциската комисија.
„Доклку ние утврдиме ралика во имотот што е пријавен и месечните примиња што ги има, таков е нашиот Закон, одиме чекор понатаму за испитување на имотот и тогаш се вклучуваат и други институции“, рече Билјана Ивановска, Претседател на ДКСК.
Алсат побара став од Драги Рашковски за луксузната вила. Му испратиле порака за став. Одговор не добиле.
„Да се слушнеме за став за објектот што ќе го градите во Побожје, со оглед на тоа што барањето за дозвола за градба сте го поднеле до општина Чучер Сандево…“, пишува во пораката до Рашковски.
Во Чучер Сандево од Секторот урбанизам потврдиле дека до нив пристигнало барање за дозвола за градење на име на неговите деца. Документот пристигнал вчера и е заведен во архива.
-Од општината ни објаснија дека за хациендата од над 800 метри квадратни, Рашковски ќе треба да платат по 10 евра за метар квадратен или над осум илјади евра за комуналии. Иако просторот се водел како земјоделско земјиште, се наоѓал во викенд населбата и со барањето за градба, велат од општината, добил статус на градежно земјиште, пренесува Алсат.
Трамп за Маск: „Не ми е неопходен, само ми се допаѓа“
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека милијардерот Илон Маск, кој во моментов ја предводи Владината агенција за ефикасност (DOGE), не му е неопходен во администрацијата, туку едноставно му се допаѓа како личност.
„Илон направи фантастична работа… Не ми е потребен за ништо посебно, само случајно ми се допаѓа. Овој човек направи одлична работа“, изјави Трамп на прес-конференција во Белата куќа, во присуство на новинари и членови на кабинетот, пренесува Business Insider.
Маск, кој доби широк пристап до владините операции и податоци преку неговата улога во борбата против злоупотреби и измами, во последно време е помалку присутен во јавноста. По поразот на републиканците на изборите за Врховниот суд на Висконсин минатата недела, се поставуваат прашања за неговата идна улога во администрацијата, особено поради неговата сè поретка појава во Белата куќа.
Некои американски медиуми го обвинија Трамп за злоупотреба на функцијата, откако минатиот месец ја претвори Белата куќа во, како што наведуваат, „изложбен салон на Tesla“, компанијата чиј извршен директор е токму Маск. Трамп тогаш најави дека ќе купи електричен автомобил од овој производител.
На обвинувањата, Трамп одговори дека купил Tesla не поради некоја посебна погодност, туку како израз на поддршка.
„Не ми треба неговиот автомобил. Луѓето ми велеа: ‘О, доби ли попуст?’ Им реков: ‘Не, дај ми ја највисоката цена.’ Платив многу пари за тој автомобил. Но, искрено, тој прави одличен автомобил… Го купив само како знак на поддршка“, рече Трамп.
Претседателот додаде и дека Маск не е третиран фер, алудирајќи на протестите и нападите насочени против салоните на Tesla.
Шест лица, меѓу кои и извршниот директор на „Сименс“ за железничка инфраструктура, Агустин Ескобар, загинаа во пад на туристички хеликоптер во реката Хадсон, во близина на Менхетн, Њујорк.
Германската компанија „Сименс“ потврди дека Ескобар, заедно со своето семејство, бил меѓу жртвите.
„Длабоко сме потресени од трагичната несреќа која го однесе животот на Агустин Ескобар и неговото семејство. Нашето најискрено сочувство до неговите блиски“, се наведува во соопштението од „Сименс“.
Несреќата се случила на страната на реката поблиску до Њу Џерси, а според градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, сите шест патници, меѓу кои пилотот, две возрасни лица и три деца – туристи од Шпанија, го загубиле животот.
Очевидци изјавиле дека несреќата ја придружувала силна експлозија налик на пробивање на звучен ѕид, по што хеликоптерот се преполовил при ударот во водата. Американската крајбрежна стража веднаш ја прекинала пловидбата во тој дел од реката.
Извршниот директор на компанијата „New York Helicopter Tour“, во чија сопственост било леталото, Мајкл Рот, за британскиот „Телеграф“ изјави дека пилотот неколку минути пред падот пријавил потреба од гориво и планирал итно слетување.
„Пилотот јави дека му е потребно гориво и дека ќе слета за три минути, но 20 минути подоцна, немаше никаков контакт“, изјави Рот.
Градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, главен ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денес ќе се појави пред судот за прв пат откако беше уапсен минатиот месец, по обвиненијата за навреда на обвинителот.
Сослушувањето ќе се одржи во судско-затворскиот комплекс во истанбулскиот округ Силиври, а поради наводната навреда на главниот обвинител на Истанбул, Акин Гурлек, за Имамоглу е побарана затворска казна до седум години и четири месеци.
Обвинението, кое го поднесе единицата за терористички злосторства при Главното јавно обвинителство, го терети за обид да ја застраши Гурлека.
Имамоглу беше уапсен минатиот месец по одделни обвиненија за корупција и помагање на терористичка група, што предизвика масовни протести и обвинувања за политизирано правосудство, пренесува Ројтерс.
Имамоглу, член на опозициската Републиканска народна партија (CHP), не го коментираше јавно најновото обвинение, но ги негираше сите кривични дела во претходните случаи, нарекувајќи ги политички мотивирани.
CHP го обвини правосудството дека ги исполнува наредбите на Ердоган, наведувајќи дека апсењето на бројни функционери на CHP е дел од пошироката кампања за неутрализирање на избраните опозициски функционери пред националните избори.
Турската влада ги отфрли овие тврдења, нагласувајќи дека правосудството е независно.