При престрелката девојчето било рането во стомакот и во раката и е во „стабилна“ состојба по укажаната медицинска помош, а момчето се предало и не било повредено.
Четиринаесетгодишно девојче е рането при престрелка со полициска патрола на Флорида, врз која пукала од пушка, заедно со две години помладо момче.
Девојчето и момчето во вторникот вечер избегале од дом за згрижување, бегале од полицијата што трагала по нив и упаднале во куќа во која пронашле арсенал од пушки и друго оружје. Од пушките отвориле оган врз патролата што пристигнала да интервенира. При престрелката девојчето било рането во стомакот и во раката и е во „стабилна“ состојба по укажаната медицинска помош, а момчето се предало и не било повредено.
– Не знам што да ви кажам. Каде сме тргнале кога деца на возраст од 12 и од 14 години мислат дека е во ред да се пука врз силите на редот? – изјави шерифот на округот Волусија, Мајк Читвуд.
Канцеларијата на шерифот објави деветминутно видео од полициската интервенција, од снимки од камери на полицајците и од хеликоптер. Пред патролата да отвори оган врз децата, се слуша како еден полицаец вели: „Таа нишани со пушката. Нишани од зад канта за ѓубре“.https://www.youtube.com/embed/MkdWnMtoLno?feature=oembed
Иако се малолетни, против децата е отворена истрага за вооружен грабеж и за обид за убиство на полициски службеник. Не се наведени нивните имиња. За момчето е наведено дека немало досие, но годинава двапати се заканувало дека „ќе фрли тула врз администратор“ и дека „ќе му ги истури цревата“ на соученик.
Девојчето пред само два месеца запалило шупа близу населени домови.
При сослушувањето, момчето признало дека повеќепати стрелале врз полицајците од пиштол, сачмарка и од автоматска пушка „ак-47“ што ги нашле во куќата.
Кога ги виделе полицајците пред куќата, девојчето наводно му рекло: „Ќе го свртам ова како ГТА“, алудирајќи на видеоиграта „Гранд тефт ауто“, која изобилува со насилство.
Полицајците што интервенирале изјавиле дека „настојувале да ја деескалираат ситуацијата“ воспоставувајќи личен контакт со децата, но по истрелите биле принудени да се скријат зад дрвја.
– Се обидовме да ја смириме ситуацијата. Фрливме мобилен телефон во куќата за да разговараме со нив. Четиринаесетгодишното девојче излезе од гаражата со сачмарка, ја испразни врз полицајците и, наспроти повиците да го фрли оружјето, се врати во гаражата. Кога излезе вториот пат, офицерите отворија оган. Офицерите сторија сè што можеа и малку фалеше да бидат убиени од деца. Ако не беше нивната обука, некој ќе завршеше мртов – изјави шерифот Читвуд.
Јужноафриканци принудно на фронтот во Донбас: „Не разбравме што потпишуваме“
Јужноафрикански мажи, меѓу кои и постариот брат на Бонгани од покраината Квазулу-Натал, завршиле на фронтот во Донбас, тврди семејството, откако биле регрутирани под лажни ветувања за обука како телохранители.
„Тие немаат воена обука и никогаш не виделе војна. Беше им кажано дека ќе добијат работа за да ги прехранат семејствата, но се најдоа на бојното поле“, изјави Бонгани, чие име е променето за безбедност.
Според сведоштвата, јужноафриканските мажи отпатувале во Русија преку Дубаи, потпишале договори на руски јазик без можност за превод и веднаш биле испратени во Украина. „Проблемите започнаа кога ги префрлија од Русија во Украина и рекоа дека тоа е обука, а потоа ни рекоа дека сме под команда на руската армија“, раскажува Бонгани.
„Скај њуз“ добил пристап до видео пораки од мажи кои тврдат дека биле принудени на борба, а една од нивните контакти била Дудузиле Зума-Самбудла, ќерката на поранешниот јужноафрикански претседател Џејкоб Зума, која ги убедила да потпишат.
Во Јоханесбург, пет лица биле уапсени по пријава дека патувале во Русија преку ОАЕ, меѓу нив и 21-годишник и 39-годишна Патриша Мантуала, обвинета за регрутирање. Судот им одобри кауција, а полицијата не ја исклучува можноста за повеќе апсења.
Семејствата на заробените мажи се обидуваат да ги вратат дома, и покрај опасностите и неизвесноста што ја носи конфликтот. „Никој не е безбеден и никогаш не знаеме што може да ни се случи следно“, вели Бонгани.
Полскиот претседател: Зеленски недоволно ја цени помошта на Полска за Украина
Полскиот претседател Карол Навроцки денеска во Варшава изнесе критики кон украинскиот лидер Володимир Зеленски, тврдејќи дека Украина не ја цени доволно поддршката што Полска ѝ ја дава во конфликтот со Русија.
Навроцки истакна дека Полска од почетокот на руската инвазија во 2022 година прифатила повеќе од еден милион украински бегалци и е еден од главните добавувачи на оружје и хуманитарна помош за Украина. „Полјаците сметаат дека нашите напори и помошта за Украина не се доволно ценети или разбрани“, рече тој, додавајќи дека ова му го пренел на Зеленски во „решителен и искрен, но и срдечен разговор“.
Зеленски од своја страна нагласи дека Украина отсекогаш била благодарна за полската помош и ќе продолжи да ја цени, посочувајќи дека Украина ја брани Европа од руската агресија по висока човечка цена.
Припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија денес околу 14 часот го запреа Д.В. (39) во Лозница, кој управуваше возило „суди“ со брзина од 200,8 километри на час на дел од патот Лозница – Шабац, каде што ограничувањето е 100 км/ч.
Со алкотестирање е утврдено дека возачот бил во тешка алкохолна интоксикација, со 1,41 промили алкохол во крвта.
Возачот веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во службените простории, а против него е поднесена прекршочна пријава за насилно возење и возење под дејство на алкохол.