Васил Гарванлиев ќе застане на чело на вториот прајд во земјава, кој под мотото „Вон ѕидовите“ ќе се одржи на 26 јуни во Скопје. Втората парада на гордоста е во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Кочо Андоновски, член на организацискиот одбор, денеска на прес-конференција рече дека одлучиле годинава да се одржи втората парада откако спласна пандемијата и мерките се олабавени. Посочи дека парадата ја посветуваат на сите нивни поддржувачи, кои ќе присуствуваат на неа и на сите кои нема да присуствуваат поради различни причини.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска рече дека поучени од првата парада, што се одржа пред две години уште пред десеттина дена одржале средба со министерот за внатрешни работи и добиле потврда за посветеноста која ќе ја има МВР за да се обезбеди највисоко ниво на сигурност на сите учесници на парадата.
– Пред две години нашата парада која беше прва во нашата земја беше оценета како најдобра парада во регионот токму поради безбедносниот аспект. Покрај големиот број полициски службеници кои беа присутни на самата парада нивната видливост беше многу мала, што на учесниците на парадата им овозможи да се чувствуваат слободни, но сепак сигурни. Очекувам дека МВР и оваа година на оваа парада своите обврски со цел да бидеме безбедни и сигурни во славењето на гордоста ќе ја покаже својата професионалност и ќе им овозможи на сите учесници да се чувствуваат пријатно, потенцира Пировска.
Таа посочи дека уште по првото соопштение дека ќе се одржи втората парада на 26 јуни веднаш се соочиле со високо ниво на говор на омраза, како што тоа било случај и пред две години, како и кога одржуваат настани поврзани со ЛГБТИ заедница. Додаде дека сите такви случаи, како и досега, ќе ги пријавуваат во МВР.
Активистката Елена Петровска информираше за деталите околу организацијата на овој настан. Посочи дека собирањето на учесниците на парадата ќе биде од 10 до 12 часот на 26 јуни во Жена парк, од каде тие ќе се движат по улиците, ќе поминат покрај Владата и крајната точка е Школка во Градскиот парк, каде ќе почне прославата со цел да испратат пораки за тоа што го бараат и што е приоритет на луѓето од ЛГБТИ и да покажат дека ги реафирмираат надежите за посолидарно, похумано, поправедно општество.
– Оваа година прајдот ќе го отвори претставникот на Евровизија од државава, Васил Гарванлиев, по што ќе следат говори од активисти, а ќе има и музичка програма, додаде Петровска.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски истакна дека МВР ќе ги преземе сите неопходни мерки за настанот да помине безбедно. Посочи дека какво било нарушување на јавниот ред и мир ќе биде најстрого санкционирано и затоа упати апел граѓаните да ги почитуваат законите.
Инаку, Гарванлиев беше дел од ЛГБТ парадата во Бугарија, а пред својот настап им порача на присутните дека „во музиката нема граница, нема омраза, нема политика и дека нема сексуална ориентација, но дека има љубов, енергија и дека сите сме едно“.
Координирана акција низ Европа против Балкански картел
Тројца лица се уапсени, а имот во вредност од над пет милиони евра е запленет во рамки на координирана полициска акција против припадници на т.н. Балкански картел во Германија, со поддршка на Европол.
Истражувањето го вклучи органите за спроведување на законот од Австрија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Германија и Србија. Според Европол, криминалната ќелија била одговорна за транспорт на повеќе тони кокаин од Колумбија, користејќи различни методи за шверц низ Европа.
Покрај трговијата со дрога, членовите на картелот се занимавале и со перење пари преку различни компании и инвестиции во недвижен имот во повеќе земји, како во рамките на Европската Унија, така и надвор од неа.
Западот спречил десетици страшни руски саботажи низ Европа
Европските разузнавачки служби тврдат дека во последниот период спречиле низа саботажи кои, според нив, биле планирани од Русија. Меѓу целите на заговорите се наводно уривање товарни авиони, труење водоводи, подметнување пожари и напади на инфраструктура, како и активирање прикриени агенти низ континентот.
Разузнавачките извори за „Фајненшл тајмс“ посочуваат дека руската кампања вклучувала експлозивни пратки испратени преку меѓународни курирски служби, кои експлодирале во логистички центри во Велика Британија, Полска и Германија. Според извештаите, секоја пратка имала доволно моќ да урне товарен авион доколку детонацијата се случела за време на лет.
Безбедносните служби велат дека биле спречени и обиди за саботирање преполни патнички возови, подметнување пожари во трговски центри, напади на хидросистеми и брани, како и труење водоводи. Исто така, биле идентификувани лица кои делувале како „заспани“ агенти со зададени мисии за диверзија.
Покрај тоа, земјите во Балтикот се соочиле со прекини на подводни кабли и серија координирани кибернапади, кои западните служби ги гледаат како дел од пошироката кампања.
„Уште не сме свесни колку многу работи се случуваат зад кулисите“, изјави Киир Џајлс од „Чатам хаус“, нагласувајќи дека целосната димензија на руските тајни операции сè уште не е разоткриена.
„Ројтерс“ пренесува дека западните разузнавачки служби забележале „остра ескалација“ на хибридните активности кои, доколку успеат, би можеле сериозно да ја загрозат европската инфраструктура и човечките животи.