Најголемиот дел од трговците ги враќаат цените на ниво од пред зголемувањето, но одлуката за замрзнување на цените е подготвена велат од Владата и посочуваат дека продолжуваат да ја следат ситуацијата. Сите маркети кои се пријавени за Новогодишната кошница доколку во неа не ги додадат основните прехранбени производи, тогаш Владата, како што укажува, ќе биде принудена да оди со одлука и мерка што не е пазарно популарна.
Според информациите од Државниот пазарен инспекторат, кои биле на терен, веќе се намалени цените на дел од основните прехранбени производи кај некои маркети, а во некои маркети цените дури се намалени од 20 до 25 проценти.
„Новогодишната потрошувачка кошничка“, која почна од 15 декември и ќе трае до 15 јануари, вклучува речиси 1.180 производи кои може да се видат на веб страницата „mojakosnica.mk“.
По поплаките од граѓаните за пoскапувањата на основните прехранбени производи што не беа опфатени со Новогодишната кошничка, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека најголем дел од трговците го почитуваат укажувањето што им беше упатено за да ги вратат цените на производите на ниво од пред зголемувањето што го направија откако стапи во сила акцијата „Новогодишна кошница“ за што алармираа граѓаните.
Состојбата ќе се следи и доколку има девијантно однесување од страна на трговците, Мицкоски порача дека ќе бидат преземени мерки и потсети дека секогаш е на располагање можноста за повторно ограничување на цените со одлука на Владата.
– Добивам информации од страна на ДПИ дека најголемиот дел од трговците ги враќаат цените на она ниво на кое што беа пред да добијат покачување. Го почитуваат укажувањето што јавно го упативме до нив. Очекувам во периодот што следи тоа да продолжи иако редовно со интензивна контрола од страна на ДПИ ќе се следи состојбата и доколку имаме девијантно однесување од страна на трговците, ќе бидат преземени мерки. Инаку, последната мерка што Владата ја има на располагање е да донесе повторно ограничување или лимитирање на цената, но во овој момент гледаме дека најголемиот дел од трговците она укажување и замолница ја почитуваат, изјави Мицкоски, вчера по презентацијата на резултатите од работата на Министерството за внатрешни работи.
Мерката „Новогодишна потрошувачка кошничка“ трае уште 20 дена и трговците во моментов не можат да заработат казна, бидејќи како што посочува министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши оваа мерка произлегува од нив, но вели оти очекува да бидат општествено- одговорни, како што ветиле во текот на разговорите.
– Владата засега нема да донесе одлука за замрзнување на цените, бидејќи како што може да се забележи уште од вчера на полиците на маркетите има намалување на цените на производите, кои се покачија во изминатиот месец, изјави вчера Дурмиши, а на трговците им порача дека доколку продолжат со зголемувањето на цените, одлуката за замрзнување на цените е подготвена и веднаш ќе се свика седница на Владата.
Дурмиши истакна дека цените се следат секојдневно и ги предупреди трговците доколку повторно се обидат да ги покачат цените, како Влада имаат механизми и веднаш да донесат одлука, по што ќе следат казни, а како што рече, дури и затворање на маркетите.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, вчера од Прилеп, предупреди дека доколку сите маркети кои се пријавени за Новогодишната кошница не ги додадат основните прехранбени производи, а ги има 700 во синџирот, тогаш Владата ќе биде принудена да оди со одлука и мерка што не е пазарно популарна.
– Пазарната инспекција ќе биде нон-стоп на терен. И доколку до крајот на денот тоа не се случи во сите маркети кои се пријавени за Новогодишната кошница, а ги има 700 во синџирот, тогаш Владата ќе биде принудена да оди со одлука и мерка што не е пазарно популарна, но ќе мораме за да го заштитиме стандардот на граѓаните во овој период околу Нова година и празниците, изјави Ристески.
Непречено се одвива акцијата новогодишна кошничка. Бројот на производите надмина 1000 опфатени со намалена цена од барем 10 проценти, констатира Марјан Ристески, заменик министер за економија
По укажувањето на Владата и на Министерството за економија и труд, според Ристески, веќе се одзвале голем број маркети со дополнителни производи, па, како што посочи, има околу 50 прехранбени производи, како млечни производи, односно сирење кашкавал, месо, месни производи, па масло, јајца, кафе, шеќер и така натаму. Со ова, нагласи Ристески, уште повеќе се комплетира Новогодишната кошничка.
Во Новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските синџири треба да бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.