Пред Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за тешките дела против општата сигурност во врска со катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, 2012 година, во кој животот го загубија 63 лица, а над 210 беа повредени. На третото рочиште, одбраната ги изнесува своите воведни зборови, при што фокусот е ставен на поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и поранешни министри за економија.
Денеска, први пред судот се обратија бранителите на четворицата поранешни директори на ДЗС, Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути и Џеват Селами, како и на главниот инспектор Љупчо Грнчиштанов.
Петмината се обвинети дека од 2012 година не распоредиле инспектор за заштита и спасување во Кочани и не спровеле инспекциски надзор во „Пулс“, со што не ги провериле задолжителните услови за противпожарна заштита. Тие се наоѓаат на листата од 35 обвинети под редните броеви 18 до 22.
Списокот на обвинети потоа ги опфаќа поранешните министри за економија, Ваљон Сараќини и Крешник Бектеши. Тие се обвинети дека ги издале лиценците за работа на дискотеката без соодветна проверка на документацијата, како и петмина службеници од министерството: Џеваир Камбери, Шефкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу и Арлинда Касапи. Камбери дополнително е обвинет и за примање поткуп во два наврати за издавање на лиценцата на „Пулс“.
На денешното рочиште се очекува да се слушне и воведниот збор на одбраната на поранешните министри.
На претходните рочишта, одбраните на другите обвинети веќе ги изнесоа своите аргументи, насочувајќи го фокусот на други фактори.
Бранителите истакнаа дека причина за пожарот е употребата на пиротехника, а не пропуст во градежната конструкција, која ниту се урнала, ниту и се оштетила статиката. Тие потенцираа дека инспекторите не се надлежни за ентериерот, туку само за промени во габаритот и дека не смееле да влезат во приватен објект без писмен налог за вонреден надзор.
Одбраната на поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитров, нагласи дека тој бил единствениот кој реагирал и поднел барање до надлежните да не се издаде дозвола за работа на „Пулс“. Димитров праша „каква правда може да се добие, ако се обвинуваат луѓе што не се виновни“ и предупреди на опасност од „заменски обвинети“. Слични ставови изнесоа и адвокатите на другите ексградоначалници Николчо Илијев и Љупчо Папазов, потенцирајќи дека локалната власт немала никакви ингеренции, бидејќи надлежноста била исклучиво на државните инспекторати.
На рочиштето на 4 декември, одбраната на членовите на обезбедувањето оцени дека обвинението е неосновано и без докази, изградено врз „хаотични претпоставки“, посочувајќи дека тие имале ограничени задачи и како клучни причини за трагедијата ги посочија институционалните пропусти и недостигот на надзор.
Поради обемноста на случајот, не се очекува денеска да завршат воведните зборови на сите обвинети. Најверојатно за утре ќе остане излагањето на бранителите на пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, поранешната државна секретарка во Министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ и сопственикот на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.
Сите 35 обвинети на рочиштето на 2 декември се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за обвинението.