Во Словенија паѓа обилен снег, а во северозападниот дел на земјата е формирана снежна покривка која достигна и до 80 сантиметри.
Поради снежните врнежи прекинато е снабдувањето со електрична енергија во некои делови на Корушка и Штаерска, а имаше и проблеми во сообраќајот.
Во Горење наврнаа од 15 до 40 сантиметри снег, а во Бохињ околу 30 сантиметри. Во Крањ снежната покривка изнесува 24 сантиметри, во Љубљана 20, во Марибор 13, во Птуј и Цеље по 12 сантиметри.
Парламентарните опозициски партии во Србија, ќе организираат в понеделник попладне протестен митинг пред зградата на Владата, соопшти Народното движење на Србија, јавија српските медиуми.
Како што се додава во соопштението, на средбата ќе бидат изнесени следните барања:
1. Оставка на премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуриќ
2. Објавување на сите тајни договори поврзани со реконструкција на Железничката станица во Нови Сад
3. Итно апсење на сите одговорни за убиството на 14 лица и ослободување на сите невини и незаконски приведени лица
4. Вонредна контрола на сите инфраструктурни проекти што се започнати или работени во изминатите 10 години.
По смртта на 14 лица на железничката станица во Нови Сад, кога врз нив се урна бетонска настрешница, во вторникот беше организиран протест во тој град.
„Бугарија е веќе во состојба во која не се зборува за перспектива, стабилност, безбедност и цели“, изјави лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов на почетокот на Националната конференција на партијата, пренесува БГНЕС.
„Вчера потпретседателката рече дека изборот на овој парламент е нелегитимен. Тоа значи дека според претседателската институција сите одлуки што се носат се нелегитимни. Тогаш зошто ние се собираме во понеделник да дадеме заклетва, зошто е даден овој ден и време? Тоа е во надлежност на претседателот да го свика Уставниот суд и да ги откаже изборите, а не да ги продолжи овие игри со делумните откажувања“, коментира тој.
„На сите им е јасно дека ќе има нови избори. Сите партии се однесуваат како да се во предизборна кампања. Ова е последен обид од моја страна до понеделник да имаме помудра политичка класа“, рече Борисов.
Тој ја повика потпретседателката Илијана Јотова да се извини за вчерашниот коментар дека изборите за 51. Народно собрание биле нелегитимни, или претседателот Радев да го повлече указот.
Тоа значи борба меѓу властите, рече Борисов, а со тоа и уште потешка политичка криза. Тој изјави дека верува оти води легитимно избрана партија.
ДЕМОНСТРАНТИ ВОДЕНИ ОД ЕВРОПРАТЕНИКОТ АНГЕЛ ЏАМБАСКИ УПАДНАА ВО ТЕАТАР ВО СОФИЈА СО ТЕПАЊЕ ДА ЈА СПРЕЧАТ ПРЕТСТАВАТА НА ЏОН МАЛКОВИЧ, ОТИ БИЛА АНТИБУГАРСКА
Стотици граѓани синоќа ги окупираа влезовите на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија , а некои од нив влегоа внатре и се расправаа со директорот Васил Василев и продуцентот на претставата на холивудската ѕвезда Џон Малкович, „Оружје и човекот“ .
Малкович гостуваше со претставата работена според текстот на Бернард Шо, едно од неговите најпоставувани дела, која важи за пародија на национализмот и империјализмот. Според „Факти“, Малкович изјавил дека не разбира бугарски јазик и не сфаќа во што е проблемот.
Демонстрантите реагираа дека претставата е антибугарска, како и дека ги исмева бугарските војници и бугарскиот народ, бидејќи ги претставува Бугарите за време на српско-бугарската војна (1885). Според нив претставата е навреда за националните и христијански вредности и дека Василев тоа го дозволил.
За време на вчерашните судири, демонстрант му ги зел и скршил очилата на актерот Владо Пенев, директорот на театарот завршил со искината кошула и вратоврска, а пред театарот бил нападнат познатиот режисер и сценарист Тео Ушев.
Ушев, кој живее во Канада, побара оставка од министерот за внатрешни работи Атанас Илков.
„Апсолутно е неприфатливо да се спречат луѓето во една демократска земја да гледаат театарски претстави и концерти. Купив билет и околу 18:30 часот видов дека има полиција и многу луѓе пред театарот. Мислев дека сите дошле за претставата. Ги прашав полицајците како да влезам и тие прилично иронично ми рекоа јас и девојка ми да застанеме на страна и да чекаме. Од некаде се појави европратеникот Ангел Џамбаски кој почна да ги вика луѓето да дојдат кај него. За секунда бевме опкружени со момци кои ставија маски на команда и почнаа да нѐ удираат со клоци по бубрези“, вели Ушев за ТВ Нова.
Според директорот на театарот, Василев, нема проблем во претставата.
„Имаше притисок да се цензурира оваа претстава уште пред да се изведе претставата, ова е неприфатливо, ова не беше мирен протест. Излегов смирено кон демонстрантите, ги повикав да дозволат оваа претстава да се изведе и па да дадат оценка“, кажа Василев за БНТ.
Министерот за внатрешни работи Атанас Илков рече дека токму Василев е виновен за тензијата пред вратите на театарот.
„Протестот пред Народниот театар беше најавен. Во обезбедувањето беа вклучени повеќе од 60 вработени, по настанувањето на тензијата се вклучија дополнителни сили кои вршеа патролни активности на територијата на Софија. Дополнителната тензија произлезе од несоодветната постапка на директорот на театарот кој отишол да разговара со демонстрантите. Не ја проценил ситуацијата, дека има тензија пред театарот, морал да ги координира своите постапки со нас, за да не дојде до ескалација на тензијата“, изјави Илков.