Connect with us

Македонија

Протест на историчари од Белград, Загреб, Љубљана… против бугарската злоупотреба на македонската историја

Наметнувањето „историски вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создадени сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право, пишува во писмото на група историчари од Србија, Босна, Хрватска, Словенија и Црна Гора, кои бараат од ЕУ да реагира на злоупотребите на историјата од страна на нејзина членка.

Конфликтите околу историјата и историските симболи повторно се важно политичко прашање во Југоисточна Европа. Во последните месеци, владата на Република Бугарија се закани дека ќе го блокира почетокот на преговорите меѓу Брисел и Скопје, барајќи од Северна Македонија да ја прифати „историската вистина“ дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација е создадена од Тито и Коминтерната.

Тргнувајќи од ставовите изразени во Декларацијата „Да ја одбраниме историјата“, ние, потписниците на ова писмо, изразуваме протест и осуда за овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели. Сметаме дека ваквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но исто така и на самата Европска Унија. Наметнувањето „историски вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создадени сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право.

Затоа бараме од историчарите во Северна Македонија и во Бугарија, но и во сите земји во регионот, да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребите на нивната дисциплина. Бараме од политичарите да водат одговорна политика, да не ги поддржуваат историчарите што разгоруваат националистички конфликти и да не вршат притисоци што доведуваат до фалсификување на минатото. Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребите на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската Унија, кои деновиве на Балканот и во Европа се загрозени, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската Унија е создадена како лек против лошите искуства од минатото и затоа не смееме да дозволиме со искривување на историјата да се уништуваат принципите врз кои се темели идејата за обединета Европа.

Ние, потписниците на ова писмо, им даваме поддршка на интелектуалците и историчарите во Северна Македонија и Бугарија што отворено се спротивставуваат на политичките притисоци и се борат да ја заштитат својата професија и професионалните стандарди. Само солидарно можеме да ги надминеме сериозните пречки што стојат пред нас!

18 ноември 2020 година

Проф. д-р Дубравка Стојановиќ, Универзитетот во Белград

Проф. д-р Хуснија Камберовиќ, Универзитетот во Сараево

Проф. д-р Твртко Јаковима, Универзитетот во Загреб

Проф. д-р Божо Репе, Универзитетот во Љубљана

Доц. д-р Аднан Прекиќ, Универзитетот на Црна Гора

Д-р Сњежана Корен, Универзитетот во Загреб

Д-р Миливој Бешлин, Универзитетот во Белград

Проф. д-р Дамир Агичиќ, Универзитетот во Загреб

Доц. д-р Бранимир Јанковиќ, Универзитетот во Загреб

Проф. д-р Момир Самарџиќ, Универзитетот во Нови Сад

Д-р Олга Манојловиќ Пинтар, Институтот за поновата историја на Србија, Белград

Проф. д-р Хрвоје Класиќ, Универзитетот во Загреб

Проф. д-р Радина Вучетиќ, Универзитетот во Белград

Д-р Срѓан Милошевиќ, историчар, Белград

Д-р Александар Р. Милетиќ, историчар, Институт за поновата историја на Србија, Центар за историски студии и дијалог, Белград

Вељко Станиќ, историчар, Белград

Петар Жарковиќ, историчар, Белград

МКД.мк

Македонија

Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13

Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.

Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.

Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.

Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.

Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.

Continue Reading

Македонија

АХВ засилено ги контролира детските новогодишни пакетчиња: дел од нив повлечени поради неточни декларации

Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за да ја провери безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа извршени во магацини за пакување, маркетите и продавниците кои ги пласираат овие производи.

Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите и непотполни декларации, инспекциските служби издадоа 4 решенија за повлекување на пакетчиња од промет. Дополнително, двајца оператори со храна добија наредби за ставање на комплетни збирни декларации на пакетчињата.

Од спроведените 262 инспекциски надзори, не се изречени парични казни и не е поништена ниту една храна како небезбедна. Во споредба со ланската сезона, кога беа утврдени сериозни неправилности како погрешни ознаки, истечен рок на употреба и промени во својствата на производите, годинава се забележани само минимални недоследности кај операторите.

АХВ најавува дека контролните активности ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се осигура безбедноста на детските пакетчиња.

Continue Reading

Македонија

Итни мерки против аерозагадувањето активирани и во Скопје

По Кичево и Струмица, од денеска итните мерки за справување со аерозагадувањето се активираат и во Скопје, откако мерните станици регистрираа надминување на дозволените концентрации на штетни честички во повеќе скопски општини. Зголемената магла дополнително ја влошува состојбата, а високи нивоа на загаденост се забележани и во други градови низ државата.

Министерството за животна средина и просторно планирање ги активираше протоколите за заштита на јавното здравје, со посебен фокус на заштита на најранливите категории граѓани.

Согласно владините мерки, работодавците имаат обврска да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, како и лицата кои прележале миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.

Лекарите, особено пулмолозите, апелираат граѓаните да го ограничат престојот на отворено на минимум, доколку нема итна потреба. Според нив, најкритични се раните утрински и доцните вечерни часови, кога концентрациите на загадувачки честички се највисоки. Доколку е неопходно движење, се препорачува користење на јавен превоз наместо сопствени возила.

Надлежните институции ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат препораките и официјалните соопштенија сè додека трае епизодата на загаден воздух.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг