Соединетите држави добија известување од Русија непосредно пред лансирањето на хиперсоничната ракета „Орешник“, потврди на брифингот за новинарите во четвртокот заменик-портпаролката на американското Министерство за одбрана Сабрина Синг.
„САД беа известени непосредно пред лансирањето преку каналот за намалување на нуклеарната опасност“, рече таа.
Претходно, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков за ТАСС изјави дека Русија автоматски ги предупредила Соединетите држави 30 минути однапред за лансирање на хиперсонична ракета „Орешник“ преку Рускиот национален центар за намалување на нуклеарната опасност.
Во средата САД привремено ја затвораат својата амбасада во Киев откако добија, како што велат, „конкретни информации за потенцијален значаен воздушен напад на 20-ти ноември“.
„Од изобилство на претпазливост, Амбасадата ќе биде затворена, а вработените во Амбасадата добиваат инструкции да се засолнат на место“, се вели во објавата на Х. Таа одлука беше донесена откако ден пртходно Украина изведе удар подлабоко на територијата на Русија со шест ракети со долг дострел ATACMS, испорачани од САД.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот во ненајавен обраќање потврди дека Русија лансирала хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект и го предупреди Западот дека Москва може да ги нападне воените постројки на која и да е земја чие оружје е употребено против Русија.
Путин рече дека Западот го ескалира конфликтот во Украина дозволувајќи му на Киев да истрела ракети со долг дострел кон Русија што е невозможно без воен персонал и сателитско наведување од земјте од НАТО, како и претворајќи го конфликтот во глобален.
Русија изврши тестови на хиперсоничниот ракетен систем „Орешник“ (Лешник) како одговор на агресивните дејствија на членките на НАТО против Русија, рече Путин.
„Како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел, на 21 ноември оваа година руските вооружени сили извршија комбиниран напад врз објект на воено-индустрискиот комплекс на Украина. Еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, меѓу другото, беше тестиран и во борбени услови. Во овој случај, тоа беше балистичка ракета во ненуклеарна хиперсонична опрема“, рече рускиот претседател.