Connect with us

Македонија

Црвенковски: Барањата на Бугарија до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис, едноставно, не е можен

Поранешниот премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски, на последната дебата „Предизвиците на македонската надворешна политика“ во организација на Советот на амбасадори потенцираше дека договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање туку, напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис, едноставно, не е можен.

Преспанскиот договор со Грција кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање туку, напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис, едноставно, не е можен. Односите со Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор се неспоредливо подобри отколку пред договорот. Сосема спротивно, односите со Бугарија се неспоредливо полоши по, отколку пред потпишувањето на договорот. Или да бидам уште подиректен. Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка – изјави Црвенковски.

Toj посочи дека тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна.

Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес, кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности. Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо, освен празна реторика. Книга со корици и празни листови. Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но, во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува преземените обврски. Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за било каков оптимизам. Да се потсетиме само на изјавата на претседателот Радев дадена неодамна за време на неговата посета на Берлин: „Нема да дозволиме македонизмот да влезе во Европската Унија“. Е па, ние од „македонизмот“ ниту можеме, ниту смееме да се откажеме – истакна Црвенковски.

Имајќи ги предвид огромните и непомирливи разлики меѓу позициите и црвените линии на двете страни единствено можно решение според него за овој спор е асиметрично толкување на историјата и идентитетските прашања кои произлегуваат од неа.

Односно, секоја страна да си го задржи правото на сопствено видување и притоа тоа да не претставува никаква пречка во билатералните и мултилатералните односи. Дали и кога е такво нешто можно, јас не знам, но она што сигурно го знам е дека треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања – додаде Црвенковски.

Македонија

Д-р Чибишев со апел до родителите: Надворешни активности се опасни за децата при висок степен на загадување

Доктор Андон Чибишев преку социјалните мрежи предупреди на сериозните ризици за здравјето на децата во услови на екстремно загаден воздух. Тој истакна дека денеска, предпладне, додека поминувал покрај улицата „Илинденска“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“, забележал група деца на возраст од околу 7 до 10 години како трчаат и тренираат на фудбалско игралиште.

„Физичкиот напор го зголемува интензитетот на дишењето, што значи и поголемо внесување на штетни и отровни гасови од амбиенталниот воздух. Не можам да разберам зошто на ваков ден, кога загадувањето е екстремно, децата би се изложувале на таков ризик“, изјави д-р Чибишев.

Тој апелираше до организаторите на активности и тренинзи да покажат одговорност и да ги одложат настаните со цел да се заштити здравјето на најмладите.

Апелот доаѓа во момент кога Скопје повторно се соочува со високо ниво на аерозагадување, а здравствените работници постојано предупредуваат на зголемени ризици, особено кај децата, хронично болните и постарите лица.

Continue Reading

Македонија

Конгрес на ДУИ: Ахмети со нови барања

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Петтиот конгрес на партијата денеска изнесе сет клучни политички барања што, според него, треба да ја гарантираат стабилноста и функционалноста на државата. Во фокусот се избор на Влада со двојно мнозинство, уставни измени поврзани со одлучувањето во Уставниот суд и целосен ветинг на сите јавни функционери во последните три децении, под меѓународен надзор.

Промовирајќи го новиот „Национален договор за напредок“, Ахмети побара воведување на т.н. „извршен Бадентер“, според кој секој иден владин состав ќе мора да ја добие довербата не само од мнозинството пратеници во Собранието, туку и од мнозинството пратеници кои ги претставуваат немнозинските заедници.

Тој истакна дека унитарната држава може да биде стабилна само доколку се темели на доверба и лојалност меѓу сите заедници, нагласувајќи дека двојното мнозинство е механизам што обезбедува инклузивност и политичка рамнотежа.

Во делот на судството, Ахмети предложи законите донесени со Бадентеров принцип во Собранието да не можат да бидат поништени од Уставниот суд без истото двојно мнозинство меѓу уставните судии. Според него, потребни се уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници ќе се носат само со заемна согласност.

Покрај уставните промени, лидерот на ДУИ инсистираше и на темелно „прочистување“ на политичката сцена. Тој побара целосен ветинг за сите носители на јавни функции во изминатите 34 години, вклучувајќи проверка на потеклото на имотот и процесите на приватизација, со јасен меѓународен надзор.

Continue Reading

Македонија

Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13

Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.

Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.

Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.

Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.

Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг