Нема разлика меѓу нас. Бугарија и Македонија се две држави со еден народ, со заедничко минато. Со силно полициски присуство и нови провокации мина отворањето на бугарскиот културно информативен центар во центарот на Скопје. Она што редовно навикнавме да го слушаме од Костадин Костадинов во бугарскиот Парламент сега го слушнавме и на само 10-тина метри од плоштадот Македонија. Бугарскиот пратеник и прв човек на партијата „Преродба“ ни порача дека факт било дека сме биле едно, дека сме имале заедничка историја.
-(Постојат Македонци, постојат Бугари, на кој начин го засновате тоа дека е исто, на кои факти) на историски, на филолошки… (На кои историски факти, ај кажете ми вие.) Нема разлика. (За што се борел Гоце Делчев, за македонска држава или за Бугарија) И за македонска држава и за Бугарија. (За вас тоа е втора македонска држава така).Нема разлика. Бугарија и Македонија се две држави со еден народ, со општо минато. Разлика е во сегашноста, тоа е реалноста, изјави Костадинов.
На прашањето кои се фактите врз кои тој ги темели своите тези, Костадинов реагираше збунето.
-(Значи можеме да кажеме дека вие сте Македонци?) Нема разлика меѓу Македонци и Бугари. (Значи јас да кажам дека Костадин Костадинов од Бугарија е Преродба е Македонец, а не Бугарин) Тоа е едно исто, ако сакате кажете Македонец, ако сакате кажете Бугарин, за мене нема разлика. (Значи Македонец сте можам да кажам дека сте Македонец или не?) А вие можете да кажете дека сте Бугарин? (Не, јас сум Македонец.) Добро, изјави Костадинов.
Зборовите на Костадинов не беа единствена провокација. Тие дојдоа директно и од бугарските историчари, конкретно од вториот човек во заедничката историска комисија, Наум Кајчев, со порака дека бил заеднички светец, ни предаде икона од Свети Климент Охридски. Ни порачаа и дека не било случајно што токму на овој празник бил отворен овој центар.
Министрите за култура од двете држави порачаа дека овој клуб ќе допринел за зближување на културите меѓу двете држави. Но, не одговорија прецизно на новинарските прашања. Македонската министерка, Бисера Костадиновска Стојчевска не сакаше да одговори дали самото присуство на Костадинов во Скопје е провокација.
-Секој политичар треба да сноси одговрност за она што го изјавува, таквите изјави се најмалку европски и таквите изјави воопшто не одат во прилог на еден ваков убав настан каков што е овој денес, изјави Костадиновска Стојчевска.
Бугарскиот министер Велислав Минеков пак не сакаше да одговори дали клубовите „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ допринесуваат за зближување меѓу двата народи.
-Среќен сум за денешниот настан, тоа е уште еден мост, уште едно зближување, сепак сме братски народи. (Дали придонесуваат двата клуба „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ за зближување на двата народи?) Тоа вие ќе го оцените, ние ги зближуваме двата народи, изјави Минеков.
Отворањето на бугарскиот култрен информативен центар заврши како што почна. Без инциденти, но со големо полициско обезбедување.
Божиновска присуствуваше на шведската прослава на светлината
Вечерва Сања Божиновска присуствуваше на традиционалниот концерт во чест на Санта Луција, кој го организираше Шведската амбасада. Празникот е симбол на светлина, топлина и надеж во најтемните нордиски ноќи.
„Секогаш е убаво кога една традиција носи порака која допира подалеку од границите – дека светлината ја создаваме самите, и дека најмногу ни е потребна токму во студените, тивки моменти од годината“, изјави Божиновска.
Таа изрази благодарност до амбасадата за прекрасната атмосфера и можноста да ја почувствува оваа уникатна шведска традиција, која најавува доаѓањето на Божиќ со радост, музика и светлина.
Сообраќајот на Евзони повторно во прекин од 17 часот
АМСМ информира дека од 17 часот повторно е блокиран сообраќајот на Граничниот премин Евзони (ГП Богородица).
Според последните информации, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози и со умерен интензитет надвор од градските средини. На македонските гранични премини нема подолги задржувања за влез или излез од државата.
АМСМ апелира до возачите да возат со прилагодена брзина, да ја почитуваат поставената сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлинските и клисурните делови, каде што постои ризик од одрони. Најкритични се делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Студентите имаат уште десет дена за апликација за ваучери
Министерството за дигитална трансформација потсетува дека студентите имаат рок до 20 декември 2025 година да аплицираат за ваучери за електронски уреди.
Досега се доделени 42.606 ваучери, од кои 27.426 веќе се искористени. Во рамките на владината програма, предвидени се вкупно 55.000 ваучери за студенти на додипломски студии запишани во учебната 2025/26 година.
Ваучерите можат да се искористат најдоцна до 31 декември 2025 година.