На 23 декември 1906 година на врвот Петлец, кај беровското село Русиново, во борба против османлиската војска загинал Дамјан Груев, учител, еден од основачите на ВМРО во Солун, во 1893 година, истакнат организатор и раководител на националноослободителното движење на македонскиот народ на крајот на 19. и почетокот на 20. век.
Дамјан или Даме Груев, потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школувал во родното Смилево, Демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година бил учител во селото Смилево и во Прилеп.
Од летото 1894 година почнал да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Бил учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ.
Во август 1900 година бил уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година бил заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Бил претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој бил избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествувал.
По неуспехот на востанието ја продолжил својата револуционерна дејност. Во 1904 година претседавал на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време бил и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година. Роден е на 19 јануари 1871 година.
Во негова чест секоја година на местото на погибијата на Петлец се собираат македонски патриоти за да му оддадат почест.
На денешен ден во 1906 година кај беровското село Русиново, заедно со Даме Груев и со комитите Ѓорѓи Карчов и Ѓорги Поп Стојанов, во борба со турскиот аскер загина и Пиринскиот војвода Сандо Китанов.
Александар (Сандо) Китанов е македонски учител, револуционер и војвода.
Бил активен член на Македонската револуционерна организација (МРО), учесник во Аферата Мис Стон и четник во четите на Гоце Делчев и Крсто Асенов. По Илинденското востание бил војвода во Кукушко и во Малешевско.
Китанов е роден во 1881 година во горноџумајското село Лешко, Пиринска Македонија. Учел во егзархиското училиште во Горна Џумаја, а потоа во 1898 година завршил педагошко училиште во Скопје. Извесно време работел во родното место, а од 1900 година работел во егзархиското училиште во Горна Џумаја.
Во 1901 година Китанов учествувал во аферата Мис Стон. Тој станал комита во четите на Гоце Делчев и Крсто Асенов. По Илинденското востание бил војвода во Кукушко и во Малешевско. Го придружувал Даме Груев за време на неговата обиколка низ Македонија.
Во средината на делември 1906 година Санде Китанов заедно со Даме Груев, Горги Карчев. Георги Поп Стојанов, Владимир Чопов тргнале во правец на Малешевијата. Уште на самиот почеток тие биле поткажани и била организирана потера по нив. На 22 делември 1906 година четата ноќевала во беровското село Русиново, кое било опколено од многуброен аскер.
За да не настрада невино население, македонските револуционери другиот ден рано утрото на 23 декември 1906 година побрзале да се извлечат од селото при што дошло до престрелка. Прв бил убиен Георги Поп Стојанов, а потоа бил погоден и војводата Сандо Китанов, кој пред да почине извикал „Браќа умирам, да живее Македонија“. Првично Карчев и Даме Груев се извлекуваат но на стотина метри од врвот Петлец паѓаат во нова заседа и загинваат.
Туфегџиќ: Ревизија на предметите во ОЈО клучна за враќање доверба во правосудството
Вечерва во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, адвокатот Владимир Туфегџиќ истакна дека новоизбраниот јавен обвинител треба итно да спроведе ревизија на проблематични предмети во Јавното обвинителство.
„Новиот јавен обвинител веднаш да спроведе контрола на законите во неколку предмети на сите обвинители по случаен избор. Ќе испливаат на површина обвинители кои имаат хроничен проблем со обвиниение, со начинот на постапување, со менаџирање на постапка, со прибирање на докази. Јавното обвинителство ќе добие реална слика кој како постапува, и ќе видите дека шест месеци колку трае истрага, во голем дел не е преземено ниту едно дејствие“, рече Туфегџиќ.
Адвокатот нагласи дека ревизијата е клучна за враќање на довербата на јавноста во работењето на обвинителството.
МВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека автоматизираниот систем за сообраќајно санкционирање „Безбеден град“ ќе почне со работа на 1 февруари 2026 година, еден месец подоцна од првично најавениот датум.
Одложувањето доаѓа во период кога јавноста сè уште е фокусирана на состојбата во Скопје, а тестирањата на системот продолжуваат и во Тетово и Куманово – градови во кои истовремено со главниот град треба да почне издавањето автоматски казни.
Теренското тестирање покажа дека дел од камерите не регистрираат прекршоци, особено при мали надминувања на брзината. Советничката во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Снежана Петровиќ-Арсовска, потврди дека се разгледува воведување праг на толеранција, но конечната одлука сè уште не е донесена.
Повеќе локации во Скопје, Тетово и Куманово, како и на коридорите 8 и 10, веќе се покриени со камери, но дел од нив не функционираат целосно или не се калибрирани. Најголемиот број регистрирани прекршоци досега доаѓаат од скопската обиколница, каде системот издаде опомена за само едно надминување на брзината за време на тестирањата.
Во Тетово и Куманово ситуацијата е поизразена – на многу локации камерите воопшто не биле активни или не регистрирале прекршок, иако намерно биле направени неколку. Дополнителен проблем е постојаното непрописно паркирање, за што МВР најавува дека ќе се користат специјализирани патролни возила со опрема за снимање кои ќе кружат низ градовите.
Во Куманово, само неколку дена по тестирањето, се забележани нови точки на кои се поставуваат свежи камери – што укажува дека системот сè уште се надградува.
Од МВР велат дека „Безбеден град“ ќе биде пуштен во целосна функција од 1 февруари, а до тогаш продолжува тест-фазата и калибрацијата. Дополнителниот месец, според надлежните, треба да го обезбеди потребното време за проверка на техничките параметри, но и да им даде можност на возачите да ги коригираат своите навики пред почетокот на автоматизираното казнување.
Андоновски: Родителите да имаат увид во изборот на деца за мобилни апликации – кон корисни и образовни содржини
И покрај австралискиот преседан со законска забрана на социјалните мрежи за деца под 16 години, Македонија засега цврсто стои настрана од радикални забрани. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, потврди дека прашањето се разгледува, но изрази сериозни сомнежи во врска со примената и подготвеноста на општеството за ваков драстичен чекор.
„Секоја забрана треба да бидете свесни како ќе ја донесете, ќе има два ефекти. Ако не успеете да ја имплементирате до крај, таа ќе придонесе некои да се снаоѓаат, а некои да излезат целосно од контрола.“ – истакна Андоновски, потенцирајќи го ризикот од неефикасност и заобиколување на мерките.
Наместо да се посегне по забрани, министерот го гледа решението во едукацијата и интензивната работа со родителите. Според него, одговорноста е на семејствата да го насочат времето што децата го минуваат на мобилните телефони кон корисни содржини, а не кон бесцелни „натпревари“ и „губење време“.
Прашан за личниот став во врска со австралискиот закон, Андоновски беше директен и скептичен:
„Моето очекување е дека нема да успее проектот целосно, затоа што првите најави веќе покажуваат дека се наоѓаат начини преку технички уреди и врски да се заобиколат забраните.“
Министерот потсети дека во земјава веќе се работи на заштита на децата преку Центарот за побезбеден интернет. Тој децидно појасни дека секој социјален медиум веќе има возрасна граница под 16 години.
Ако родителите го имплементираат тоа кај своите деца, тогаш децата нема да имаат пристап до алгоритми и содржини кои се штетни за нив. Ако тоа не го прават родителите, многу е потешко државата да се меша во слободниот избор на секој граѓанин и семејство и да одлучува што смеат, а што не смеат.
Со ова, Владата ја префрла топката назад кај родителската контрола, сугерирајќи дека државната интервенција во приватниот семеен избор е последна и најтешка опција.