Поради зголемено загадување стапуваат на сила препораките и мерките за надминување на праг на алармирање за Градот Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, известува Владата согласно информацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање за надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови) на мерните места во Скопје – Центар и Лисиче, Кичево, Кавадарци и Струмица.
Владата ги информира надлежните институции и релевантните општини дека е потребно да постапат согласно заклучоците од записникот од 40-та седница на Владата одржана на 28 ноември 2017 година, според кои Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство им препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, како и да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот. Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и единиците за локална самоуправа треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници, и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Од Владата информираат дека согласно заклучоците, Министерството за здравство треба да ја ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина, пак, треба да почне со вршење зачестена контрола на инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање треба да подготви и достави препорака до инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.
Според владините заклучоци, единиците на локална самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.
Истовремено, Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила и се препорачува ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.
Стабилно време со магла до понеделник, дожд од вторник
До понеделник се очекува стабилно и претежно тивко време низ земјава, со појава на магла во утринските часови и зголемена облачност на некои места.
Утре, 18 декември, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека претпладне на одредени места ќе се појави магла. Ветарот ќе биде слаб и променлив.
Во Скопје се очекува слично време, со претежно тивко време и појава на магла во котлинските делови претпладне.
Стабилното време ќе се задржи до понеделник, а од вторник се најавуваат локални врнежи од дожд.
Над 40 државни институции преминаа на електронско управување со документи
Повеќе од 40 институции во државата веќе го користат националниот Документ менаџмент систем (ДМС), што овозможува побрзи и поефикасни услуги за граѓаните, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во изјава за медиумите.
Според него, поврзувањето на институциите и општините преку единствен дигитален систем претставува суштинска реформа во функционирањето на државната администрација, со фокус на поедноставени и подостапни јавни услуги.
Андоновски информираше дека за само четири месеци е двојно зголемен бројот на институции кои користат електронска архива и електронски систем за управување со документи. Дополнително, преку државната платформа за интероперабилност, само во ноември биле реализирани 2,6 милиони трансакции, што претставува значителен раст во однос на просекот во текот на 2024 година.
Министерот посочи и дека за 20 проценти е зголемен бројот на институции и компании приклучени на платформата за интероперабилност, што директно придонесува за намалување на административните процедури и потребата граѓаните да доставуваат документи од една до друга институција.
„Овие резултати значат помалку хартија, помалку чекање и помалку простор за корупција. Дигиталната трансформација не ја третираме како ИТ-проект, туку како реформа во корист на граѓаните, со јасни и фер процедури“, истакна Андоновски.
Тој додаде дека целта е институциите да функционираат брзо, разбирливо и еднакво за сите, а Министерството за дигитална трансформација останува посветено принципот „граѓаните на прво место“ да стане стандард во работењето на државата преку конкретни и мерливи резултати.
Собранието ги усвои клучните закони за проектот „Безбеден град“
Собранието во рамки на попладневниот дел на 76. седница без расправа ги донесе измените и дополнувањата на повеќе закони кои се дел од пакетот потребен за целосно функционирање на системот „Безбеден град“. Со 65 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, пратениците усвоија измени на Законот за извршување на санкциите, Законот за полиција, Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека законот е дел од шесте законски измени кои обезбедуваат имплементација на еден од најзначајните проекти во историјата на Македонија, кој започна пред неколку недели и практично ќе стартува од 1 февруари.
Законот за прекршоци, исто така дел од пакетот, воведува посебна постапка за прекршоци констатирани со технички средства и уреди за снимање, вклучително електронска достава преку текстуални пораки или е-пошта, 50% намалување на глобата при доброволно плаќање во рок од осум дена, како и автоматско суспендирање на возачката дозвола по акумулирање на три забрани во четири години. Пратеничката Моника Трајанова од ВМРО-ДПМНЕ објасни дека измените ќе го зголемат ефектот на превенцијата, ќе намалат административни трошоци и ќе ја зголемат ефикасноста на постапките.
Стојановски додаде дека законите овозможуваат одземање на возило на несовесни возачи, како и подобрување на процесот на издавање возачки дозволи, со зголемена транспарентност и контрола врз членовите на комисијата која ги доделува дозволите.
Во рамки на истата седница, пратениците го усвоија и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, исто така по скратена постапка, со што се овозможува поефикасно реализирање на инфраструктурни и други јавни проекти.