Охриѓани масовно и на спектакуларен начин го одбележаа верскиот празник Богојавление-Водици. Силниот ветер и брановите не ги спречија илјадниците верници од Охрид, земјава и во мал број од странство да присуствуваат на положувањето на светиот крст во водите на Охридското Езеро, по кој запливаа околу триста млади лица. Најсреќен беше 19-годишниот, Васко Довлев, кој за прв пат го фати крстот…
Силниот ветер кој дуваше со брзина од 15 метри во секунда, односно преку 60 километри на час не ги спречи охриѓани повторно на уникатен начин да го одбележат големиот верски празник Богојавление-Водици. Уште од раните утрински часови црковните храмови се исполнија со верници кои по богослужбите во литии се упатија на Градското пристаниште за да присуствуваат на Богојавленскиот водосвет. По црковниот церемонијал со кој раководеше надлежниот архијереј, митрополитот Тимотеј, светиот крст беше положен во разбрануваното езеро, а по него запливаа околу 300 младинци и младинки. Највешт и најсреќен беше 19-годишниот Васко Довлев од Варош кој за прв пат го фати крстот.
„Чувството е многу убаво, некако чувствував дека едноставно во раце ми дојде, чувствував дека е за мене. Не ми дојде во раце, падна до мене и само ја пуштив раката. Јас едноставно чувствував, со верба во бога, одев и во црква и постев, и кога ќе има верба сè ќе биде. Најбитно здравје, среќа, љубов на сите“, вели Довлев.
„На фаќачот на крстот му посакувам да има успешна година, како и секој оној што успеал да го фати и се надевам дека уште многу, многу години ќе успееме да во ваква форма да го празнуваме овој празник којшто за Охрид и охриѓани е дефинитивно најголем“, рече Кирил Пецаков- градоначалник на Охрид.
И покрај лошите временски услови на Градското пристаниште присуствуваа повеќе илјади верници од Охрид и земјава меѓу кои беа и претставници на власта и опозицијата, како и помал број странски туристи.
„Русинка сум ама мажена сум тука. Прекрасно, многу убаво, кај нас нема таква традиција. Овде е супер, секојпат е интересно, секоја година“.
„Во Охрид и еднаш во Грција. Овде е најдобро во Охрид, има многу атмосфера, многу веруваат. Бог се јави, среќен празник“, вели гостин од Италија.
Иако температурата на водата беше 9 степени, а на воздухот околу 10-от степен, силниот ветер и брановите придонесоа спасителите на Црвениот крст, нуркачите и медицинските екипи да имаат поголем број интервенции.
„Преку 20 интервенции имавме, што во вода, што на копно. Еве веќе ги згрижуваме сите коишто се со исеченици и некои мали повреди. Значи голем предизвик, драго ми е што немаше ништо, некој поголем инцидент“, вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст- Охрид.
По црковниот дел од манифестацијата присутните ги исполнија рестораните и кафетериите долж брегот каде што уживаа во греаната ракија и виното зачинети со убава охридска староградска музика. Богојавленските празнувања продолжуваат утре на празникот Свети Јован Крстител, кој во Охрид се слави и како Ден на рибарите.
МВР со известување до граѓаните за „Безбеден град“
Ги известуваме граѓаните дека од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци. Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на bezbedengrad@moi.gov.mk ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните.
Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), на граничниот премин Ќафасан, спречија увоз на над 26 тони замрзнат пилешки батак без коска поради неисполнување на условите за увоз. Пратката со 2167 пакувања по 12 килограми замрзнато пилешко месо, по донесеното Решение за забрана за увоз од официјалните ветеринари на АХВ, вратена е во земјата извозник – Бразил.
Забраната за увоз е изречена бидејќи пратката била во спротивност со донесеното решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил заради заштита од внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип) според кое, забранет е увозот на пратки кои се добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.
Љупчо Коцевски ја поднесе оставката како јавен обвинител
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски,само еден час пред собраниската расправа за негово разрешување денес, поднесе неотповиклива оставка. На прес-конференцијата, Коцевски порача дека функцијата ја извршувал чесно, но дека си заминува разочаран од системот.
„Заминувам со гордо крената глава, но и со горчина поради непочитувањето на основните принципи на правната држава“, изјави тој. Коцевски го обвини Собранието за „процедурален линч“, откривајќи дека поканата за седницата ја добил во последен момент, без воопшто да му биде доставен предлогот за разрешување. Според него, овој политички маневар е опасен преседан кој директно ја урива независноста на обвинителството.
Наместо да чека политичка пресуда во собраниските клупи, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска избра достоинствено повлекување. Со поднесувањето на неотповикливата оставка, тој фрли сериозна дамка врз транспарентноста на власта, тврдејќи дека неговото разрешување е базирано на политика, а не на факти или закони.
„Немам на што да се произнесам, бидејќи предлогот за мое разрешување воопшто не ми е доставен“, истакна Коцевски, нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата во која поканата ја добил само 60 минути пред почетокот на седницата. Неговото заминување по помалку од две години мандат отвора нови прашања за тоа колку е навистина „независно“ македонското правосудство од политичките влијанија.