Connect with us

Македонија

Шишков за татко му: Секоја вечер заспивам со желбата да е барем за момент жив, па да ме види. Да ме види што човек сум, што актер сум!

Како потомок на еден од најголемите македонски актерски имиња, како негов син, зборува за предностите и слабостите на таквото сродство, за животот со и (по)крај човекот, Ристо Шишков

  • Никогаш не мислев дека едно презиме, може човека толку да го обремени. Во позитивна и негативна смисла. Дека презимето толку многу може да создаде обврска, некои ограничувања, сомневања… но и гордост и привилегија. Никогаш нема да знам како ќе беше, ако беше… Знам само како се чувствувам!
  • Во детството Ристо Шишков воопшто не го гледав како голем актер или како голем човек. Не се фасцинирав од него. Не бев свесен за неговата величина во професијата, кога луѓето му честитаа, го поздравуваа, го воздигнуваа… Мислев дека тоа така треба да биде, зашто тој за мене беше тато Ристо, односно тато, прекрасен татко што го обожавав како што дете обожава родител на кого му верува.
  • Бев многу немирен, никогаш “татин син“, непредвидлив… ниту тој не беше совршен, ама се разбиравме лесно. Учев од него. Дека за да се биде човек, најважна е чесноста и емоциите без оглед на цената. Да се „игра“ фер плеј и секогаш да се провоцира во себе позитивната енергија – максиманлно, без разлика какви се околностите. Многу се противеше кога понекогаш ќе речев дека сакам да се појавам во некој филм каде што играше тој. Таквите мои каприци веднаш ги маршираше в соба на учење.
  • Разговаравме многу за глумата. Често ќе речеше: „Само оној кој верува и кој се внесува целосно во тоа што го игра, а никогаш не прашува колку ќе заработи од тоа е – актер!“ Еднаш, со многу алкохол во себе, дали претчувствувајќи нешто или не, ми рече: „Ти си Васил Шишков, мој син и тоа секогаш ќе бидеш. И да го почитуваш своето презиме!“ Не знаев тогаш точно што сакаше со тоа да каже, но мислам дека се однесуваше на чесноста на презимето Шишков, на својата чесност, на мојата што треба да ја изградам. На гордоста и достоинството што (како и секој) треба да се има во однос на потеклото. Така и јас го чувствувам.
  • Татко ми веќе одамна го нема. Јас спротивно на неговите желби сепак, станав актер. Не знам што друго очекуваше тој да се случи кога син му растеше во театарот, го дишеше истиот воздух, истата прашина… како и тој, како неговите колеги! Само што првиот ден кога стапнав на Академијата, сфатив дека сум под микроскоп. Сигурно ниту на моите колеги, кои се исто така синови и ќерки на актери (Ѕвезда Ангеловска, Игор Џамбазов, Драган Спасов, Бранко Ѓорчев…) не им било (им е) лесно да ја чувствуваат сенката на своите родители, не ми беше ни мене тогаш, а ни сега. Секогаш сум бил и секогаш ќе бидам горд што сум син на Ристо Шишков. Многу ми е мило што еден таков актер, што еден таков човек ми е татко.
  • Само тие детални анализи од страна на другите луѓе притискаат повеќе отколку што јас можам да издржам, а издржувам. Можеби треба време сето тоа да престане, но… Еднаш еден режисер ми рече: Треба да се одбраниш од она што мораш да се одбраниш.“ Се бранам, ама… Мојата младост, моето досегашно искуство е премало за да можам толкав притисок лесно да поднесам. Некој сигурно ќе рече: „Па нему му е полесно со таков старт!“ Да. Стартував со плус сто поени, ама и со минус сто. Своето име и презиме како актер јас морам да го градам врз името и презимето на Ристо Шишков. Тоа верувајте, не е ни малку лесно.
  • Знам дека многу личам на него. Често се фаќам себеси во негова поза, гримаса, движење… тоа е ген. И добро е што е така. Не мора другите на тоа постојано да ме потсетуваат! Знам дека многумина го сакале, го сакаат се уште, дека на многумина им недостасува, дека го почитуваат… ама мора ли секогаш да се повторува дека тој бил во некоја ситуација ваков, во друга таков… ама пак, знам дека е тоа неизбежно.
  • Најмачно ми е по претставите. Ме споредуваат, на моја или не штета сеедно, ме вагаат, обвинуваат… А пак, од друга страна, ми е мило што ме споредуваат не со татко ми, туку со еден актер од типот на Ристо Шишков. Така што, тоа е меч со две сечила.
  • Сакам да верувам дека луѓето кои ми даваат работа, улогите не ми ги дале поради моето потекло, туку поради мене самиот. Исто како што верувам дека неколку улоги никогаш нема да ги одиграм, зашто некогаш ги играл Ристо Шишков. Можеби звучи нескромно, но јас, како и секој човек верувам во своите способности и можности, па така мислам дека би можел уште многу да дадам во театарот и не само таму. Дека не сум доволно искористен, но нели, има време.
  • Времето веројатно ќе си го донесе своето, па овие работи помалку ќе болат. А болат, бидејќи по 15 часови од денот живеам во минатото и кога ќе решам да излезам, да се разонодам, повторно ме враќаат таму. Не знам за другите, мене ми е доволно сеќавањето што е во мене. Сеќавањето за татко ми. Сеќавањето за актерот Ристо Шишков и за историјата. Барем за мене.
  • Не може Васил Шишков да биде добар актер, ако секоја негова грешка, колку и да е таа маргинална, се коментира со: „Е, ова на синот на Ристо Шишков не смее да му се случи!“ Ми се дава шанса, работам, верувам дека колегите ме прифаќаат рамо до рамо со себе, дека умеам да го работам она за што сум се определил, но сепак… Би бил многу посреќен кога би ме прифатиле конечно, само како Васил Шишков – и како човек и како актер. И средината во која работам и публиката.
  • Не се бега лесно од етикетата, но може да се биде подискретен со мислењата, оценките… Пак ќе повторам: јас знам чиј син сум. Не ми се толку неопходни потсетувањата. Со нив ми се губи сеќавањето на стариот Шишков, како на татко. А тоа ме повредува. Зашто, никогаш и никого не сум сакал повеќе од него. Мене уште долго ќе ми треба таа моја љубов кон него.
  • До 1986 година, кога умре татко ми, сонував многу. Од тогаш се до денес не сум сонувал ништо (или барем не се сеќавам на соништата). А сонувам секој ден, секое утро се будам, секоја вечер заспивам со желбата да е барем за момент жив, па да ме види. Да ме види што човек сум, што актер сум! И да ми каже. Да ми се намали неизвесноста, несигурноста, сомневањата. Зашто поинаку, многу поинаку е кога ќе го видиш, кога ќе го слушнеш татка си.

Б. Н. Доневска – „Екран“, 1997 година         

Последната улога, Васил Шишков ја одигра во претставата „Вечната куќа“, каде му беше доверена задачата да го игра митскиот македонски актер, неговиот татко, Ристо Шишков. Починува на 21 декември 2014 години на жалост на целиот театарски свет во Македонија.

Advertisement

Македонија

Со „СМАРТ/МК 2030“, Мицкоски најавува дигитална и транспарентна Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска официјално ја промовираше Националната стратегија за развој на информатичко-комуникациските технологии – СМАРТ/МК 2030, нагласувајќи дека документот претставува суштински одговор на реалните општествени предизвици. Според него, стратегијата е јасна и амбициозна патоказна рамка што треба да ја насочи државата кон темелна дигитална трансформација и изградба на современо, технолошки напредно општество.

„Ова не е само уште еден документ. Денес ја демонстрираме нашата политичка волја и решителност да изградиме држава што е ефикасна, транспарентна и во служба на граѓаните“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека дигитализацијата е темел на современото владеење.

Премиерот потенцираше дека дигиталната трансформација не се сведува само на воведување нови технологии, туку подразбира длабока промена во начинот на кој функционираат институциите и како тие комуницираат со граѓаните и бизнис-заедницата.

„Тоа значи побрзи и поедноставни услуги, значително помалку бирократија, поголема отчетност и активно учество на граѓаните во креирањето јавни политики“, порача тој.

Според Мицкоски, Владата ја поставила дигитализацијата меѓу своите врвни приоритети, бидејќи таа е клучна алатка за зајакнување на владеењето на правото и за ефикасна борба против корупцијата.

„Дигиталните процеси оставаат јасна трага. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии – одговорноста станува недвосмислена“, истакна премиерот.

Тој додаде дека стратегијата СМАРТ/МК 2030 е целосно усогласена со Националната развојна стратегија 2024–2044 и со европските дигитални политики и стандарди, опфаќајќи клучни области како електронски комуникации, дигитализација на јавните регистри, користење облак-услуги и електронска идентификација.

„Нема силна економија без развиени дигитални вештини, нема модерно општество без дигитално писмени граѓани и нема конкурентна држава без иновативен и моќен ИКТ-сектор“, нагласи Мицкоски.

На крајот од своето обраќање, Мицкоски истакна дека стратегијата не припаѓа на една влада или институција, туку претставува заедничка обврска на државните органи, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество.

„Ова е наш заеднички пат кон паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година“, заклучи премиерот.

Continue Reading

Македонија

Безбедноста на новогодишните пакетчиња проверена – резултатите во АХВ охрабрувачки

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонредни инспекции на детските новогодишни пакетчиња и откри само минимални неправилности. Вкупно беа извршени 262 контроли во магацини за пакување, маркети и продавници кои нудат овој вид производи.

Проблеми беа утврдени кај неколку оператори поради несовпаѓање на роковите на збирните декларации со роковите на поединечните производи, како и некомплетни декларации. Во такви случаи, инспекциските служби издале четири решенија за повлекување на пакетчињата од промет, додека двајца оператори добиле решенија за поставување на исправни збирни декларации на производите.

Според АХВ, ситуацијата годинава е значително подобрена во споредба со лани, кога инспекциите открија несоодветно означување на пакетчињата, производи со поминат рок на употреба и краток рок на трајност, како и производи со променети органолептички својства. Оваа година, пак, недоследностите се сведени на минимални и не претставуваат ризик за здравјето на децата.

Агенцијата најавува дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се обезбеди безбедноста на детските пакетчиња.

Continue Reading

Македонија

Магла и блокади: Сообраќајот на регионалниот пат Берово–Струмица целосно запрен поради најавен собир

АМСМ известува дека поради појава на магла, видливоста на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија е намалена на само 50 до 60 метри. Возачите се предупредуваат да возат со зголемено внимание и да ги прилагодат брзината на условите на патот.

Жителите на село Двориште најавија јавен собир на регионалниот пат П-1302 (Берово – Струмица), на местото познато како „Студенец“, утре, на 19.12.2025 година во 10.00 часот. Се очекува патот да биде целосно блокиран, па возачите кои патуваат по правецот Струмица – Берово се советуваат да користат алтернативни патни правци.

На државните патишта се вози непречено, со релативно посуви коловози. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, што овозможува непречено движење за патниците.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг